Горан Марковиќ заминува на висока позиција во Дојче Телеком: Ќе раководи со комерцијалниот раст на девет европски пазари
Успешни бизнис приказни

Горан Марковиќ заминува на висока позиција во Дојче Телеком: Ќе раководи со комерцијалниот раст на девет европски пазари

05. 11. 2026.

Горан Марковиќ, актуелниот главен извршен директор на Македонски Телеком, од 1 јануари 2027 година ја презема новата функција Виш потпретседател за комерцијален раст за Европа во рамки на Дојче Телеком.

На новата лидерска позиција, Марковиќ ќе биде одговорен за развојот и растот на комерцијалниот бизнис на девет европски пазари, меѓу кои и Македонија.

Марковиќ ја презеде функцијата главен извршен директор на Македонски Телеком во јули минатата година. Во периодот на неговото раководење, компанијата реализираше повеќе значајни проекти, инвестираше во телекомуникациската инфраструктура и го продолжи технолошкиот развој.

Меѓу позначајните достигнувања се воведувањето на првата 5G+ мрежа во земјата, лансирањето на портфолиото Unlimited, како и унапредувањето на корисничкото искуство и услугите.

Во овој период, компанијата ја прошири и поддршката за спортот, културата, дигиталното образование и инклузијата, а дополнително се посвети на развојот и задоволството на вработените.

„Особено сум горд што Македонски Телеком, како компанија од мал пазар, продолжи да се позиционира на највисоко ниво во Групацијата. Во новата улога ќе продолжам да работам на растот и развојот на европските пазари, меѓу кои и македонскиот пазар, што ми стана особено близок“, изјави Марковиќ.

Тој ќе остане на функцијата главен извршен директор на Македонски Телеком до 1 јануари 2027 година, а и понатаму ќе биде член на Одборот на директори на компанијата.

Во меѓувреме, процесот за избор на негов наследник на позицијата главен извршен директор е во тек.