Нација на апчиња? Еве кои лекови најмногу ги пијат Македонците
Актуелно

Нација на апчиња? Еве кои лекови најмногу ги пијат Македонците

26. 06. 2026.

Употребата на антибиотици во Македонија конечно бележи пад, додека метформинот, пантопразолот и дијазепамот и понатаму се меѓу најкористените лекови кај граѓаните.

Податоците за потрошувачката на лекови во периодот 2023–2025 година покажуваат интересна слика за здравствените навики на граѓаните. На врвот на листата не се антибиотиците, туку лекови кои најчесто се користат за хронични состојби – дијабетес, желудочни проблеми и анксиозност.

Најкористен лек во земјава останува метформинот, со повеќе од два милиони издадени рецепти во текот на 2025 година. Тој се користи за лекување на дијабетес тип 2 и регулирање на нивото на шеќер во крвта.

Втор на листата е пантопразолот, лек кој ја намалува желудочната киселина и најчесто се препишува кај рефлукс, гастритис, чир и други желудочни тегоби.

Меѓу најкористените е и дијазепамот, кој се користи за лекување на анксиозност, несоница, мускулни грчеви и одредени невролошки состојби.

Од друга страна, за првпат по повеќе години е регистриран пад на употребата на антиинфективни лекови, вклучувајќи ги и антибиотиците. Намалувањето е забележано и кај бројот на издадени рецепти и кај вкупната потрошувачка, што се смета за позитивен тренд во борбата против прекумерната употреба на антибиотици.

Во 2025 година преку Позитивната листа биле издадени околу 27 милиони рецепти, што е за осум проценти повеќе во однос на претходните години. Вкупната вредност на лековите финансирани од Фондот за здравствено осигурување достигнала околу 11 милијарди денари, а растот се должи главно на воведувањето нови, посовремени и поскапи терапии.

Најголем дел од средствата и понатаму се издвојуваат за лекување на кардиоваскуларните заболувања, додека значително се зголемени и буџетите за современи терапии за пациенти со онколошки, ретки и автоимуни заболувања. Благодарение на тоа, за повеќе категории пациенти се укинати листите на чекање.

Од 1 јули започнува и поширока примена на електронскиот рецепт. Новиот систем треба да овозможи подобра контрола при издавањето лекови, да спречи злоупотреби и да ги заштити и пациентите и здравствените работници.