Ако патувате во Европа, ова се износите на туристичките такси...
Актуелно

Ако патувате во Европа, ова се износите на туристичките такси...

25. 02. 2026.

Европските туристички центри влегуваат во 2026 година со нов бран давачки што сè потешко се игнорираат при планирање патување.

Венеција повторно ја враќа таксата за еднодневни посетители во шпицот на сезоната. Надоместокот е 5 евра, а за оние што резервираат доцна се зголемува на 10 евра. Таксата важи во одредени денови и часови во периодот од април до јули, додека гостите што ноќеваат во градот, жителите и уште неколку категории имаат исклучоци, но во пракса системот бара регистрација и планирање однапред.

Рим, пак, оди по друга линија – плаќање за поблиско пристапување до најпопуларните точки. Од 2 февруари 2026 година воведена е такса од 2 евра за туристите што сакаат пристап „од прв ред“ до фонтаната Треви во најатрактивните часови, како мерка за контрола на метежот и прибирање средства за одржување. 

Во Барселона, фокусот е на поскапување на градската давачка, плус регионалните надоместоци во Каталонија. Од април 2026 градската компонента расте на 5 евра, а кај повисоките категории сместување, со регионалната такса, износот по лице и ноќ може да достигне значајно повисоки суми, зависно од типот на сместување и локацијата.

Брисел ја „стегна“ регионалната давачка за туристички сместувачки капацитети од 1 јануари 2026 година: стандардната стапка е 5 евра по ноќевање за секоја сместувачка единица, а за „homestay“ и кампови 4 евра. 

Букурешт воведува рамна такса за сместување – 10 леи, односно околу 2 евра по ноќ, без разлика на категоријата на објектот. Наплатата ја вршат сместувачите, платформите за резервации и агенциите, а целта е градот да добие стабилен приход за туристичка промоција и услуги.

Норвешка им даде можност на општините да воведуваат туристички надоместок до 3 отсто на ноќевања во места што се „особено погодени од туризмот“. Клучниот детал е дека мерката е опционална по општини, па истата држава може да има сосема различни правила зависно од дестинацијата и локалната одлука.

Тенерифе воведува еко-давачка за пристап до најчувствителните пешачки рути во Националниот парк Ел Теиде. Надоместокот варира по рута, ден и статус на посетител, со горна граница до 25 евра по лице, а за локални жители и деца под 14 години важат исклучоци. Практично, тоа ја претвора „бесплатната“ природа во резервациски систем со квоти и тарифи, особено за најпопуларните патеки.

Милано, во контекст на подготовките за Зимските олимписки игри, има зголемени туристички давачки во 2026 година за сместувања во радиус околу олимписките локации. Износот е по лице и по ноќ и зависи од типот и категоријата на сместување, а за највисоките категории може да оди до 10 евра.

Највисоката „дневна“ ставка што привлекува внимание е поврзана со крстарењата во Грција: за периодот 1 јуни – 30 септември 2026, надоместокот за симнување во Миконос и Санторини е 20 евра по патник, додека за другите пристаништа е 5 евра. Надвор од шпицот, износите се намалуваат, а таксата се пресметува по пристаниште, што значи дека на маршрутите со повеќе запирања, износот се акумулира.

Извор: faktor.mk