Километар автопат – и до 20 милиони евра, дали гради Македонија скапи автопатишта?
Актуелно

Километар автопат – и до 20 милиони евра, дали гради Македонија скапи автопатишта?

09. 03. 2026.

Дали државата гради скапи автопатишта е прашање што редовно се отвора во јавноста секогаш кога се најавува нов инфраструктурен проект.

Последните изјави на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски повторно ја отворија дилемата, особено по информациите дека новите автопатски делници во Македонија ќе чинат од 13,5 до околу 20 милиони евра по километар.

Николоски вели дека проектите мора да се завршуваат навреме за да не расте цената и посочува дека автопатот Кичево–Охрид во моментов е најевтиниот автопат што се гради во земјава, со просечна цена од околу 13,5 милиони евра по километар.

Според него, автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ на коридорите 8 и 10д се околу 18 милиони евра по километар, додека делниците Кичево–Букојчани и Скопје–Блаце, кои допрва треба да се градат, се проценуваат на околу 20 милиони евра по километар. На прв поглед, овие суми изгледаат високи, но споредбата со регионот и Европа покажува дека реалноста е посложена.

Професорот од Градежниот факултет, д-р Горан Мијоски, неодамна во интервју за весникот ВЕЧЕР посочува дека цената на автопатите не може да се гледа изолирано, бидејќи зависи од повеќе фактори. Тој се повикува на анализа објавена во реномираното стручно списание World Highways, кое ги анализирало цените на изградените автопатишта во Централна Европа во периодот од 2005 до 2010 година. Според анализираните податоци за тој период, цените на автопатиштата се во однос на морфологијата на теренот, како фактор кој има доминанто влијание на цената.

Поделбата е на рамничарска и планинска траса од автопатиштата. Во анализираниот период кој е карактеристичен по стабилни цени на суровините, најевтини автопатишта во рамничарски терен градени се во Хрватска околу 7 милиони евра по километар, во Словенија околу 7,5 милиони, а во Германија околу 8,5 милиони евра. Најскапите автопатишта во рамничарски терен изградени се во Австрија 12,9 милиони евра за километар, во Унгарија 11,2 милиони евра, во Словачка 9,6 милиони евра за километар.

– Во планински терен, пак, цените се драстично повисоки. Во Германија тие достигнуваат околу 26 милиони евра по километар, во Австрија околу 25 милиони, а високи се и во Чешка, Словенија и Хрватска. Тоа значи дека купираноста на теренот и инженерската сложеност се меѓу клучните фактори што ја одредуваат цената – вели професорот Мијоски.

Во Македонија, пример за поевтина делница е автопатот А4 „Миладиновци–Свети Николе–Штип“ (рамничарска траса), пуштен во употреба во 2018 година, кој чини околу 6 до 7 милиони евра по километар, што ако се земе во предвид дека е изграден 8 години подоцна (повисоки цени) претставува навистина рационално и евтино решение.

Според професорот Мијоски, разликите во цените се резултат на повеќе параметри: првенствено геоморфолошките карактеристики на теренот низ кој минува трасата на идниот автопат, типот и квалитет на употребените материјали за изградба, бројот на мостови, тунели и вијадукти, системите за пасивна безбедност и нивото на заштита, мерките за заштита на животната средина, како и цената на експропријацијата на земјиштето. 

– Дополнително, во Македонија тендерите традиционално се доделуваат според критериумот најниска цена, нешто што во многу развиени европски земји веќе не се применува. Во Европа, освен цената, големо значење имаат и квалитетот, технологијата и долгорочната одржливост на инфраструктурата – додава Мијоски.

Кога се споредуваат македонските цени со европските, се добива појасна слика. Анализите покажуваат дека просечната цена за изградба на автопат во Европската Унија се движи околу 6 и 13 милиони евра за километар. Во Данска просекот е околу 5,9 милиони евра за километар, во Германија околу 8,2 милиони, во Чешка околу 8,8 милиони, во Унгарија околу 11,2 милиони, а во Австрија околу 12,8 милиони евра за километар. Во тој контекст, цените што се споменуваат за Македонија, од 13,5 до 20 милиони евра за километар, се на горната граница или над европскиот просек, но не се без преседан, особено ако се работи за сложен терен.

Состојбата со изградените автопатишта во регионот е следна. Во Албанија просекот е околу 10 до 11 милиони евра по километар (изграден пред нашиот автопат А4), додека во Косово автопатите се движат од околу 10 до 12,7 милиони евра по километар кои се изградени и пуштени во експлоатација во 2017 год.

Досега најскап пример на Балканот е автопатот „Бар–Бољаре“ во Црна Гора, каде првата делница „Смоковац-Матешево“ од 41 километар чини околу 895 милиони евра, односно приближно 25 милиони евра по километар. Причината е што околу 60 проценти од трасата се мостови и тунели, а автопатот има 16 тунели и 20 големи мостови.

Целиот текст прочитајте го на: vecer.press