Од ноември „ВИЗЕР“ ќе лета од Скопје до Мадрид и Стокхолм, од декември до Прага, Бари и повторно до Келн
Актуелно

Од ноември „ВИЗЕР“ ќе лета од Скопје до Мадрид и Стокхолм, од декември до Прага, Бари и повторно до Келн

31. 07. 2025.

Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ ќе добие субвенции од Владата за уште пет нови авиолинии. Од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн.

Летот до Келн беше укинат лани со почетокот на зимската сезона за летање затоа што „Визер“ сосема се повлече од овој германски аеродром поради високите аеродромски такси.

За Стокхолм „Визер“ леташе до аеродромот Скавста кој е одалечен 100 километри од шведскиот главен град. И таа линија беше укината минатата година. Според информациите од Министерството за транспорт, овој пат „Визер“ ќе слетува на главниот стокхолмски аеродром Арланда.

Сега и Стокхолм и Келн се враќаат со субвенции од државата. Субвенцијата е 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром.

„Утрово го потпишавме Договорот за петте нови авиолинии кои ќе значат повеќе туристи, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓаните. Со 11 нови линии кои што веќе ги отворивме и овие 5, веќе зборуваме за 16 нови авиолинии кои ги отворивме за само една година“, рече министерот за транспорт и врски Александар Николоски во видео обраќање на социјалните мрежи.

Со субвенции од Владата „Визер“ од 3 мај почна со летови од Меѓународниот аеродром Скопје до Барселона и Лион, а од октомври ќе лета и до Штутгарт. Субвенции во првиот повик доби и „Туркиш ерлајнс“ за воведување авиолинија од Охрид до Истанбул. Со финансиска поддршка од Владата, кон крајот на март требаше да започне и летот Скопје – Дубаи со „Флај Дубаи“, но засега линијата е одложена.

На вториот повик на Владата субвенции доби авиокомпанијата „Изиџет“ за воведување авиолинии од Скопскиот аеродром до Женева и до аеродромот „Орли“ во Париз. Од Скопје за Париз се лета од 2 април, а за Женева летовите ќе почнат од 3 ноември.

Извор: sdk.mk