Нови правила за паркирање на Скопскиот аеродром од 1 септември – бесплатните 10 минути ќе важат само еднаш дневно
Актуелно

Нови правила за паркирање на Скопскиот аеродром од 1 септември – бесплатните 10 минути ќе важат само еднаш дневно

27. 08. 2026.

Од 1 септември на Меѓународниот аеродром Скопје ќе започне да се применува нов режим за краткото бесплатно задржување во зоната „Hug & Fly“, која се наоѓа пред терминалот за пристигнување и заминување.

Патниците и понатаму ќе можат да бидат оставени или преземени без надомест во период до 10 минути, но отсега оваа можност ќе може да се искористи само еднаш во 24 часа со истото возило.

Контролата ќе се врши автоматски преку систем за препознавање на регистарските таблички. На овој начин ќе се утврдува дали возилото веќе го искористило дозволениот бесплатен престој во последните 24 часа.

Од ТАВ Македонија објаснуваат дека новото правило има цел да го намали задржувањето на возилата пред терминалот и да овозможи побезбеден и поефикасен сообраќај, особено во периодите со зголемен број патници.

За возачите на кои им е потребно подолго паркирање, и понатаму е достапен главниот паркинг пред аеродромот. Тој располага со 1.200 паркинг-места за автомобили и шест места наменети за автобуси.

Тоа значи дека доколку возило еднаш во текот на денот влезе во зоната „Hug & Fly“ и го искористи бесплатниот престој од најмногу 10 минути, при повторен влез со истото возило во наредните 24 часа нема повторно да може да ја користи бесплатната опција.