Пред бербата – шок за овоштарите: Преспанското јаболко се откупува за само 4 денари
Актуелно

Пред бербата – шок за овоштарите: Преспанското јаболко се откупува за само 4 денари

18. 09. 2026.

Пред почетокот на бербата, преспанските овоштари се соочуваат со значително пониски откупни цени во споредба со минатата година.

Индустриското јаболко моментално се откупува за 4 денари за килограм, додека лани цената била 9 денари, а подоцна достигнала и 11 денари. Здравото јаболко се откупува за 20 до 25 денари, наспроти 35 до 40 денари лани.

Ситуацијата е дополнително отежната од измрзнувањето на дел од родот, сушата и зголемените трошоци за производство. Дополнителен проблем се и сезонските работници, чија дневница годинава достигнува околу 3.000 денари.

Овоштарите се соочуваат и со неисплатени субвенции од претходните години, што дополнително ја отежнува состојбата во пресрет на бербата.

Во Ресен веќе се одржани средби со земјоделците, откупувачите и преработувачите, на кои се разговарало за количините и квалитетот на родот, откупните капацитети и можностите за пласман на домашниот, регионалниот и европскиот пазар.