Новата програма ќе функционира под името „Деловна шема заснована на колективен договор“ и треба да им го олесни пристапот на странските работници до данскиот пазар на труд.
Покрај граѓаните на Северна Македонија, можност за вработување преку програмата ќе имаат и работници од Албанија, Австралија, Бразил, Велика Британија, Индија, Јапонија, Канада, Кина, Малезија, Молдавија, САД, Србија, Сингапур, Украина и Црна Гора.
Кои компании ќе можат да вработуваат странци?
Не секоја компанија во Данска ќе може да регрутира работници преку новиот систем.
Пред да вработи странски работници, компанијата ќе треба да добие сертификат од Данската агенција за меѓународно вработување и интеграција (SIRI).
Еден од условите е работодавачот да работи најмалку две години и да има минимум десет постојано вработени лица со полно работно време во Данска.
Компаниите ќе треба да имаат и соодветен колективен договор, како и потребен сертификат од Данската бизнис администрација.
Дополнително, работодавачите не смеат да имаат сериозни работни спорови или налози од надлежните институции, ниту неодамнешни казни поврзани со недоволно плаќање на странски работници.
Првиот сертификат што ќе го добие компанијата ќе важи три години, а при неговото продолжување периодот на важност ќе може да изнесува четири години.
Минимална годишна плата од околу 43.000 евра
Еден од најинтересните услови во новата програма се однесува на заработката.
Предвидено е минималната годишна плата за работниците вработени преку оваа шема да изнесува 322.000 дански круни, односно приближно 43.000 евра годишно.
Тоа би значело околу 3.580 евра месечно во бруто-износ, доколку годишната сума се подели на 12 месеци.
Новиот праг е значително понизок од оној што се применува во рамки на постојната данска шема за плати. За 2026 година, таму минималниот праг изнесува 552.000 дански круни годишно, односно околу 69.800 евра.
Со новите правила, од почетокот на 2027 година данските компании што ќе ги исполнат пропишаните услови ќе добијат дополнителна можност за ангажирање работници надвор од ЕУ, а Македонија ќе биде една од 16-те земји чии граѓани ќе можат да ја искористат програмата.
