УЈП ги сардиса граѓаните, бара да платат данок за приливи од странство пред пет години
Актуелно

УЈП ги сардиса граѓаните, бара да платат данок за приливи од странство пред пет години

19. 12. 2025.

Од илјадници граѓани УЈП бара да платат данок за приливи кои ги добивале од странство - ако работеле на брод, во Авганистан, или се ИТ фриленсери

Граѓани кои добиле решенија за дополнително плаќање данок за приходи остварени во изминатите години сведочат за големи гужви и незадоволство во скопската УЈП, особено пред канцеларијата 102. Според нив, со часови чекаат за да ги разјаснат спорните пресметки, кои често се однесуваат на приходи стари и по пет години.

Еден граѓанин раскажува дека добил решение за данок за хонорар од Германија од 2020 година, иако тврди дека данокот тогаш бил платен во странство. Бидејќи не располага со документација, сега се соочува со висока побарувачка од УЈП и е принуден да бара изводи од банка. Слични ситуации има и кај граѓани кои добиле симболични парични подароци од роднини, но и кај лица што работеле во странство или во ризични подрачја, како Авганистан.

Меѓу спорните случаи има и алиментации од странство, како и приходи за кои данокот веќе бил платен, но граѓаните повторно добиле решенија и морале дополнително да докажуваат дека обврската е исполнета.

Поради ваквите ситуации, граѓаните се збунети околу тоа кои приходи подлежат на оданочување и дали приходите за кои данок е платен во странство повторно се оданочуваат кај нас. Од УЈП засега нема официјален одговор на сите отворени прашања.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, неодамна изјави дека до сега се испратени околу 7.400 покани до граѓаните, од кои дел доброволно пријавиле приходи, а донесени се и околу 200 даночни решенија. Таа објасни дека даночната обврска се однесува на македонски резиденти кои оствариле доход во странство во последните пет години, при што се применуваат договорите за избегнување на двојно оданочување, доколку постојат.

Дел од јавноста смета дека ваквиот пристап може да има негативни последици, како пренасочување на дознаките кон неформални канали, додека други оценуваат дека станува збор за обид да се пополни државниот буџет.

Извор: nezavisen.mk