Со предложените измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, за првпат ќе се дефинира поимот „лесно електрично возило“, а максималната дозволена брзина за електричните тротинети ќе биде ограничена на 20 километри на час, во согласност со европските регулативи. Според предлог-решението, електрични тротинети ќе можат да управуваат само полнолетни лица.
Предвидени се и построги санкции за прекршителите. Покрај паричните казни, ќе биде можно и одземање на електричен тротинет, мопед или мотоцикл во случаи кога возачот е под дејство на алкохол, е малолетен или кога на тротинетот се превезуваат повеќе лица од дозволеното.
Како образложение за измените, предлагачите посочуваат дека во периодот од 2024 до 2026 година се регистрирани вкупно 2.352 сообраќајни незгоди во кои учествувале мопеди, мотоцикли и електрични тротинети. Во тие несреќи животот го загубиле 46 лица, додека 585 лица се здобиле со тешки телесни повреди.
Предлог-законот е доставен во Собранието по скратена постапка.
