Од Сојуз на синдикатите на Македонија посочуваат дека прагот на сиромаштија во државата изнесува околу 31.200 денари, што значи дека значителен дел од работниците живеат со приходи под ова ниво.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека овие податоци покажуваат дека „една третина од работниците во Македонија живеат со примања под прагот на сиромаштија, односно работат, а се сиромашни“.
Според синдикатот, зголемувањето на минималната плата би имало директно влијание врз платите на повеќе од 154.000 работници кои моментално примаат пониски примања.
ССМ најави дека на 14 март ќе се одржи голем работнички протест за зголемување на минималната плата и на останатите работнички примања. Протестот е планирано да започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје, а потоа учесниците ќе се упатат кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
Синдикатот ги повика работниците и нивните семејства да се приклучат на протестот и да ја поддржат иницијативата за повисоки плати.
Во меѓувреме, минималната плата согласно законското усогласување ќе се зголеми за 1.667 денари и ќе изнесува нешто над 26.000 денари. Повисоките мартовски примања работниците се очекува да ги добијат во април.
Од ССМ претходно останаа на ставот дека минималната плата треба да достигне 600 евра, но овој предлог не беше прифатен на седницата на Економско-социјалниот совет. По седницата, претставниците на синдикатите ја напуштија расправата и најавија нови синдикални активности и протести, додека работодавачите останаа на своите позиции.
