По повод јубилејот, во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија, на која ќе им бидат доделени плакети на соработници, институции и компании што придонеле за развојот на Музејот.
Основана во 1926 година, институцијата денес чува околу 400.000 музејски примероци од областа на геологијата, палеонтологијата, ботаниката, зоологијата и ентомологијата.
Покрај научноистражувачката работа и зачувувањето на природното наследство, Музејот има важна едукативна улога, особено во приближувањето на природните науки до младите.
Стогодишниот јубилеј е можност и за унапредување на условите за работа и осовременување на музејското искуство, со цел богатите збирки да станат подостапни и попривлечни за идните генерации.
