Четврта година по ред, Vrabotuvanje.com.mk го организира изборот кој се етаблира како релевантен показател за позиционирањето на компаниите на пазарот на труд и нивната способност да привлечат и задржат талент.
Во динамичен пазар, каде очекувањата на кандидатите постојано еволуираат, улогата на работодавачот добива сè поголемо стратешко значење. Токму затоа, изборот за најпосакуван работодавач не претставува само признание, туку и јасен индикатор за перцепцијата, довербата и атрактивноста на компаниите во јавноста.
Оваа година изборот опфаќа 12 категории, со цел да се препознаат и издвојат најдобрите компании во различни индустрии и сектори.
Покрај категориите, Vrabotuvanje.com.mk ќе додели и специјални признанија за:
- Employer Branding кампања на годината
- Rebranding раст – признание за компании кои преку стратешко ребрендирање постигнале значителен напредок во позиционирањето, привлекувањето талент и деловниот развој
Како круна на изборот, ќе бидат прогласени и компаниите кои ќе го освојат првото, второто и третото место во апсолутен пласман, односно најпосакуваните работодавачи на ниво на целата држава.
Свеченото прогласување ќе се одржи во Скопје, со специјално обраќање на мотивацискиот говорник Дарко Мирковиќ од Белград.
Во пресрет на настанот, Генералниот Менаџер на Vrabotuvanje.com( Alma Career Macedonia) Дарко Велков истакнува:
„Не е доволно да се понуди работно место – потребно е да се изгради средина во која луѓето гледаат вредност, перспектива и почит. Компаниите кои се препознаени во овој избор го разбираат токму тоа и континуирано инвестираат во развојот на своите вработени.“
Настанот ги обединува водечките компании, HR професионалци и претставници на бизнис заедницата, со цел да се истакнат најдобрите практики и да се постават нови стандарди на пазарот на труд во Македонија.
Гласањето е јавно и транспарентно, а интересот оваа година резултираше со над 27.000 гласови од повеќе од 9.000 гласачи, дополнително поткрепен и со реалните податоци за интересот на потенцијалните вработени при објавата на огласите на Vrabotuvanje.com.mk.
