„Мордор интелиџенс“ (www.mordorintelligence.com), компанија за истражување пазари, проценува дека глобално пазарот на тренинг за личен развој во моментов вреди 3,64 милијарди долари, а во 2030 година ќе достигне 5,79 милијарди долари со сложена годишна стапка на раст од 9,71 отсто. Најголем удел има Северна Америка, а најбрзорастечки е азиско-пацифичкиот регион.
Според Меѓународната федерација за тренинг за личен развој (ICF), оваа индустрија е во подем на глобално ниво, со над 109.000 сертифицирани тренери низ целиот свет, од кои речиси третина, поточно повеќе од 34.000 се само во Северна Америка, регионот каде што оваа професија е најразвиена.
Што е тренер за личен развој?
Тој е обучен професионалец што им помага на поединците да ги постигнат личните и професионалните цели и обезбедува водство, поддршка и одговорност, оспособувајќи ги клиентите да направат позитивни промени кај себе.
Тренерите работат на различни прашања, вклучувајќи личен развој и развој на кариерата и на здравјето. Преку структурирани разговори, тие им помагаат на клиентите да добијат јасна слика за себе и да ги кристализираат целите што сакаат да ги постигнат, да креираат акциски планови и да ги надминат пречките за нивна комплетна реализација. Тие служат како доверливи партнери во трансформирањето на животот и отклучувањето на потенцијалот.

Тренингот за личен развој е процес што се базира на соработка, во кој тренерот им помага на поединците да постават и да постигнат лични или професионални цели. Целта е индивидуата да ја зголеми самосвеста и да ги надмине пречките за да се создадат предуслови за исполнет живот. Оваа професија оди малку подалеку од давање совети и слушање - се фокусира на раст ориентиран кон иднината и акциски стратегии.
Тренингот за личен развој е различен од терапијата. Терапијата се фокусира на дијагностицирање и лекување на минатите трауми. Спротивно на тоа, тренингот за личен развој се фокусира на иднината и постигнување значајни цели и целосна благосостојба.
