Проектот „Две години сјај – на хуманоста ѝ нема крај“ ја освои првата награда од жирито за најдобар проект во категоријата „Проекти од општествена одговорност“, како и специјалната награда од жирито и публиката.
Ова се први европски признанија за проектот, кој претходно ја доби и BEAM наградата за најдобар хуманитарен настан во Македонија за 2025 година.
Иницијативата беше реализирана по повод вториот роденден на Дајмонд Мол, во партнерство со ЈП „Лајка“, со цел роденденската прослава да се претвори во хуманитарна акција посветена на бездомните животни.
Во текот на еднонеделната иницијатива беа организирани донаторска зона, саем за храна за миленици, бесплатни ветеринарски консултации, ѕид за вдомување, средби со кучиња од прифатилиштето, детски работилници и хуманитарен концерт, за кој влезницата беше донација на храна за кучиња.
Како резултат на акцијата биле собрани 600 килограми храна за кучиња, вдомени повеќе од 10 кучиња, а 10 куќички изработени во рамки на детските работилници биле донирани на ЈП „Лајка“.
Проектот остварил повеќе од 1,2 милиони прегледи на социјалните мрежи и досегнал речиси 600.000 луѓе, придонесувајќи за поголема јавна свест за вдомувањето и одговорната грижа за животните.
На годинашното 15. издание на Unicorn Awards биле пријавени 131 проект од 24 земји, од кои 105 се пласирале во финалето. Во конкуренција биле проекти поврзани со познати светски брендови и компании, меѓу кои Ferrari, Coca-Cola, Nespresso, Ikea и Sephora, како и проекти поврзани со големи меѓународни настани.
Двете награди претставуваат признание за креативноста, реализацијата и општественото влијание на проектот, но и поттик за Дајмонд Мол да продолжи со иницијативи што придонесуваат за заедницата.
