Како да препознаете токсично работно место, уште на интервјуто за работа?
Совети

Како да препознаете токсично работно место, уште на интервјуто за работа?

09. 02. 2026.

Ги навредуваат поранешните работници и сите вработени изгледаат депресивно и мизерно. Како можете да познаете токсична работна средина, уште на интервјуто за работа?

ога одите на интервју за работа, тргнувате со идејата дека вие треба да им се допаднете на луѓето кои ќе ве интервјуираат.

Но, важно е и вам да ви се допадне тамошната атмосфера, а можете да добиете некаква претстава за ова уште на самото интервју.

Шест знаци дека можеби сте на интервју за работа во токсична средина:

Личноста што ве интервјуира зборува лошо за поранешните работници

На интервју за работа, секогаш е добро да прашате зошто се отворила позицијата за којашто аплицирате, односно што се случило со работникот, дали бил избркан, дали самиот си заминал...

Ако личноста што ве интервјуира почне да го навредува работникот кој ја држел позицијата, тоа не е добар знак.

Дури и ако работникот бил избркан, не е професионално личноста која ве интервјуира да кажува навреди за него.

 
Не ви дозволуваат да зборувате со никој друг од фирмата

Во здрава работна средина, директорите и менаџерите нема да пробаат да скријат како изгледа работната атмосфера.

Па, ако не ви дозволуваат да поразговарате со потенцијален колега, можеби надредените не им веруваат на своите вработени и се плашат дека ќе слушнете нешто што не треба.

А, ова може да биде знак дека работната атмосфера нема да биде најпријатна.

Личноста што ве интервјуира не ги признава грешките и пропустите на компанијата

Не постои совршена компанија и секаде се прават грешки и има пропусти.

Ако поставите прашање во оваа насока и само ви кажат дека сè е совршено, најверојатно ве лажат.

Ви зборуваат само за успех/профит и ништо друго

Нормално е дека целта на компанијата е да биде успешна (и профитабилна), но ова не треба да биде целиот фокус на интервјуто.

Ако ви зборуваат само за вашите обврски, а избегнуваат да ви кажат што вие ќе добиете за вашиот труд, веројатно работната атмосфера во таа фирма е токсична и вашата работа нема да биде вреднувана.

Ви изгледа како да го кријат договорот што треба да го потпишете

Ако избегнуваат да ви одговорат на прашањата за договорот, за вашите права и обврски во компанијата, ова треба да ви биде предупредувачки знак.

Секако, вие треба детално да го прочитате договорот пред да го потпишете. Но, штом на интервјуто не ви откриваат ништо, веројатно станува збор за договор од кој корист ќе имаат само работодавците, па можеби не треба да си трошите време со наредно интервју.

Вработените делуваат како да се во лошо расположение

Обрнете внимание на атмосферата во компанијата – дали вработените изгледаат среќно или сите делуваат депресивно?

Нормално е некој да има лош ден, но ако сите вработени делуваат мизерно, можеби не се во најдобрата работна средина.

Извор:crnobelo.com