Исланд, Турција, Русија, Белорусија, Ерменија и Грузија се само дел од европските и соседните земји во кои часовниците повеќе не се поместуваат напролет и наесен.
Исланд во текот на целата година го задржува истото време, додека Турција ја прекина сезонската промена во 2016 година. Од ваквата практика се откажаа и Русија, Белорусија, Ерменија и Грузија.
Во Европската Унија, пак, идејата за укинување на сезонското сметање на времето стигна многу блиску до реализација.
Дури 84% биле за укинување на промената
Европската комисија во 2018 година организираше јавна консултација за ова прашање, во која учествуваа околу 4,6 милиони граѓани.
Резултатот беше убедлив – приближно 84% од учесниците се изјаснија за прекин на сезонското поместување на часовникот.
По ваквиот исход, Европската комисија предложи практиката да биде укината уште во 2019 година. Замислата беше земјите да можат да изберат дали трајно ќе останат на летно или на стандардно, односно зимско време.
Токму изборот на времето го закочи процесот
И покрај големата поддршка меѓу учесниците во консултацијата, планот не беше реализиран.
Една од главните пречки беше тоа што земјите членки не постигнаа заеднички договор за тоа кое време треба да остане трајно и како промената да се координира меѓу соседните држави.
Како резултат, постојниот систем остана во сила, па во земјите од ЕУ часовниците и понатаму се поместуваат двапати годишно – напролет на летно, а наесен на зимско сметање на времето.
Голем дел од светот воопшто не го менува часовникот
Во многу други делови од светот ваквата практика одамна не постои.
Во Азија часовниците сезонски не се поместуваат во Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Виетнам, Индонезија, Малезија и Сингапур. Кина последен пат го користеше летното сметање на времето во 1991 година.
Слична е ситуацијата и во голем дел од Блискиот Исток. Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин користат исто време во текот на целата година.
Иран, исто така, се откажа од сезонското поместување на часовникот, а од 2023 година повеќе нема преминување меѓу летно и зимско време.
И голем дел од Јужна Америка се откажа од практиката
Сезонско поместување нема ниту во Бразил, Аргентина, Колумбија, Перу и Еквадор. Бразил, на пример, го укина летното сметање на времето во 2019 година.
Во Австралија ситуацијата е поделена. Нов Јужен Велс, Викторија, Јужна Австралија, Тасманија и Австралиската престолнинска територија го користат летното сметање на времето, додека Квинсленд, Западна Австралија и Северната Територија не ги поместуваат часовниците.
Зошто некои земји решија да престанат?
Причините се различни. Меѓу нив се поедноставување на секојдневното функционирање и избегнување компликации во транспортот, деловното работење и компјутерските системи.
Во земјите што се наоѓаат поблиску до екваторот постои и практична причина – разликата во должината на денот меѓу летните и зимските месеци е многу помала, па придобивката од сезонското менување на времето е ограничена.
Европа, од друга страна, и покрај повеќегодишната дебата и големата поддршка за укинување на практиката меѓу учесниците во консултацијата од 2018 година, сè уште нема заедничко решение што би овозможило последното поместување на стрелките навистина да биде – последно.
