Внимание возачи: утре изменет режим на сообраќај во центарот на Скопје
Актуелно

Внимание возачи: утре изменет режим на сообраќај во центарот на Скопје

22. 10. 2026.

Во петок, 23 октомври, со почеток во 08:00 часот, во центарот на Скопје ќе се одржи атлетската трка „23-ти Октомври“, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај.

Трката се организира по повод Денот на Македонската борба, а ќе започне од паркот „Жена Борец“. Учесниците ќе се движат по улицата „11-ти Октомври“, преку плоштадот „Македонија“ и Камениот мост, по улицата „Иљо Војвода“, мостот „Гоце Делчев“ и кејот на реката Вардар, по што ќе се вратат по истата траса до целта кај споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена Борец“.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите и упатствата на полициските службеници на сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.