Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, предупреди дека злоупотребата на цигари, алкохол и дрога кај младите е алармантна и дека образованието е клучниот механизам за превенција. „Мораме да ја спречиме оваа појава уште од најрана возраст. Само така ќе избегнеме сериозни последици по здравјето и огромни трошоци за лекување подоцна“, нагласи таа.
Јаневска потсети дека новина од оваа учебна година е воведувањето на предметот „Учам за моето здравје“ во седмо одделение, како и програмата „Вештини за адолесценција“, која досега со успех е применета во повеќе од 100 земји во светот.
Од тинк-тенкот „Аналитика“ предупредуваат дека бројките се фрапантни и дека младите не само што започнуваат со пушење уште во адолесценција, туку и брзо развиваат зависност која подоцна тешко се искоренува. „Најстрашно е што веќе на 13-годишна возраст многу деца почнуваат да пушат. Тоа значи дека шансите тие да останат зависници од никотин и во зрелоста се енормно високи“, вели Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“.
Таа посочи и дека новите производи како електронските цигари не се „побезбедна“ замена, туку исто така носат ризици по здравјето. „Младите се заведени дека тие не се штетни, но истражувањата јасно покажуваат дека тоа не е точно. Сега е моментот за силна едукација и строга контрола на продажбата“, додаде таа.
Јавноста е шокирана, а експертите бараат итни мерки – строга примена на забраната за продажба на цигари на малолетници, интензивни образовни програми и построги политики за контрола на тутунот.
