Црното не е секогаш здраво – како ни го продаваат лажниот интегрален леб
Актуелно

Црното не е секогаш здраво – како ни го продаваат лажниот интегрален леб

15. 04. 2026.

Кората е темна, речиси црна. На полицата стои со етикета што ветува „интегрален“, „здрав“, „богат со влакна“. Цената е повисока од обичниот бел леб. Купувачите не се двоумат. Го земаат убедени дека прават подобар избор. А всушност, во многу случаи купуваат илузија.

Приказната за „црниот леб“ одамна не е толку едноставна како што изгледа. Она што го гледаме со око не мора да значи дека има врска со составот. Напротив. Во дел од пекарниците и маркетите, темната боја не доаѓа од интегрално брашно, туку од додадени состојки – карамел, меласа или други бои што му даваат „здрав“ изглед на производ кој по суштина останува бел леб.

И тука почнува проблемот.

„Луѓето мислат дека јадат нешто поквалитетно, а реално добиваат производ со слични нутритивни вредности како белиот леб“, велат познавачи на исхрана.

Боја има. Влакна – не баш. А токму влакната се причината зошто интегралниот леб се смета за подобар избор.

Пазарната логика е сурова. Потрошувачите бараат „црно“, „интегрално“, „фит“. Производителите одговараат. Но не секогаш со квалитет. Понекогаш со трик.

Доволно е мал процент интегрално брашно, плус боја за ефект, и еве производ што изгледа убедливо. Дури и структурата знае да биде измамничка – мек, воздушест, како бел леб, но со темна кора. За неупатен купувач, тоа е доволен сигнал дека купува „нешто поздраво“.

Ако се загледате внимателно во декларацијата, приказната често е поинаква. Прво на листата стои бело пченично брашно. Интегралното е некаде подолу, во помал процент. Понекогаш и шеќери или сирупи кои ја даваат бојата. Но кој чита декларации додека брза низ маркет?

Тука се отвора и прашањето за контролата. Формално, производите мора да бидат означени. Но, начинот на кој се пласираат – имиња, изглед, позиционирање на рафтовите, остава простор за манипулација. Законски можеби е чисто. Етички, не баш.

„Не е забрането да се додава боја, но проблемот е кога тоа се користи за да се создаде лажна перцепција за квалитет“, објаснуваат експерти од областа на прехранбената индустрија.

Со други зборови, никој не ве лаже директно. Само ве наведува да поверувате во нешто што не е целосно точно.

И додека дел од потрошувачите веќе научиле да прават разлика, мнозинството сè уште се води по визуелниот впечаток. Темно значи здраво. Така функционира психологијата на купување.

Во пекарниците, продавачите ретко ќе ви објаснат што точно купувате. Ќе ви кажат „интегрален е“. И ќе продолжат да услужуваат. Вие ќе платите повеќе. И ќе си заминете со леб што не е тоа што мислите дека е.

Има и исклучоци. Пекари што навистина работат со 100% интегрално брашно, со пократок рок на траење, потежок, погуст леб. Но тие производи не се секогаш најпродавани. Не изгледаат толку „убаво“. Не се толку меки. А и не траат долго.

Парадоксот е јасен. Вистинскиот интегрален леб често се препознава по тоа што не изгледа совршено.

Па што останува на купувачот?

Да чита. Да споредува. Да не се води само по боја. Да ја оттурне навиката „ова изгледа здраво, значи е здраво“. Затоа што во светот на храната, изгледот знае да лаже.

Црното не секогаш значи интегрално. А белото, понекогаш, само се преправа.