Почнаа работите: Патот Евзони – Солун конечно станува автопат
Актуелно

Почнаа работите: Патот Евзони – Солун конечно станува автопат

29. 04. 2026.

Конечно влезот во Грција ќе биде мазен!

Патот од Евзони граничен премин кон Солун одамна важи за една од најпроблематичните рути во северна Грција. Тесен, небезбеден, со слаба сигнализација и чести вклучувања на трактори – делница на која возачите постојано се на штрек.

 Да не зборуваме за дупките и нерамнините на патот.

Бројките не се охрабрувачки. Во последните дваесет години, тука се случиле десетици тешки сообраќајни несреќи, со најмалку 50 загинати и повеќе од 100 сериозно повредени. За многумина, ова не беше само пат – туку ризик што мора да се помине за да се стигне до море.

Но, по години најави и чекање, конечно има конкретна промена.

Во февруари 2026 година започнаа работите за проширување и модернизација на оваа делница. На терен веќе работат стотици луѓе и десетици машини, а градилиштата се отворени долж речиси целата траса.

Станува збор за делницата Халастра – Поликастро, долга околу 44 километри – пат кој не е важен само за Грција, туку и за целиот регион. Токму тука поминуваат илјадници возачи од Балканот и Европа, особено во летните месеци кога колоните се долги, а нервите кратки.

Парадоксално, иако ова е една од најоптоварените рути, со години остана инфраструктурно запоставена – со само една лента по правец и без физичко раздвојување на сообраќајот. Тоа значеше поголем ризик, побавен проток и постојано чувство на несигурност.

Сега, планот е јасен: оваа делница да се претвори во модерен автопат.

Новото решение предвидува две ленти по правец, застанувачка лента и централно разделно острово. Ќе се постави нов асфалт, ќе се обнови сигнализацијата, ќе се подобри осветлувањето, а ќе се модернизираат и мостовите и придружната инфраструктура.

Со други зборови – патот кој денес го знаеме ќе стане нешто сосема поинакво.

Она што дополнително радува е што проектот не застанува само на патот. Планирани се 16 модерни станици со содржини за возачите, како и 12 зони за одмор и паркирање. Тоа значи дека патувањето нема да биде само побезбедно, туку и покомфорно.

Рокот за завршување е поставен до 2031 година, но според некои проценки, работите би можеле да завршат и порано – за околу три и пол години. Причината е едноставна: теренот е рамен и погоден за изградба, без големи технички пречки.

Паралелно со ова, се најавува и модернизација на самиот Евзони граничен премин. Станува збор за инвестиција вредна над 23 милиони евра, со цел да се подобри протокот на возила и да се намалат долгите чекања, особено во туристичката сезона.

За сите кои патуваат кон Халкидики, Солун или југот на Грција, оваа вест има директно значење.

Патот кој со години беше „тесно грло“ и извор на стрес, конечно ќе стане безбедна и модерна врска кон морето.

И можеби, за првпат по долго време, патувањето кон одмор ќе започне – без нервоза.