Европскиот парламент со убедливо мнозинство усвои нови правила со кои треба да се поедностават постапките за враќање на парите и барање надомест во случај на откажување или прекин на патувањето, пренесува „Ројтерс“.
За предложените измени гласаа 652 европратеници, двајца беа против, а осуммина воздржани.
Целта е патниците полесно да ги остваруваат своите права, без долги и комплицирани постапки со авиокомпаниите и посредниците преку кои ги купиле билетите.
Како ќе се враќаат парите за откажан лет?
Една од најважните промени се однесува на патниците кои купуваат билети преку туристички агенции или интернет-платформи за резервации.
Според новите правила, во случај на откажување на летот, тие ќе имаат право на целосно враќање на платениот износ во рок од 14 дена, вклучувајќи ги и посредничките провизии.
Постапката ќе се одвива во два чекора.
Авиокомпанијата ќе биде обврзана да ги префрли парите на агенцијата или платформата во рок од седум дена. Потоа, посредникот ќе има дополнителни седум дена за да му ги врати средствата на патникот.
Доколку агенцијата или платформата не го испочитува предвидениот рок, авиокомпанијата ќе мора да интервенира за да се обезбеди враќањето на парите.
Дополнително, посредниците ќе бидат обврзани уште при купувањето на билетот јасно да ги информираат патниците за начинот и роковите за рефундирање.
Полесно поднесување барања за надомест
Со измените се предвидува и воведување единствени обрасци за барања за враќање на пари и компензација.
Обрасците ќе бидат достапни на веб-страницата на Европската комисија, на сите официјални јазици на Европската Унија.
На овој начин, патниците нема да мора да се приспособуваат на различните процедури на секоја авиокомпанија, туку ќе можат да користат стандардизирани документи за остварување на своите права.
Бесплатна придружба за патници со попреченост
Новите правила предвидуваат и дополнителна заштита за лицата со попреченост или намалена подвижност.
Кога на патникот му е неопходна придружба, лицето што го придружува ќе може да патува со авион без дополнителна наплата.
Слични права веќе постојат кај одредени други видови превоз, а со измените се настојува да се обезбеди поголема пристапност и во воздушниот сообраќај.
Построги контроли за транспортните компании
Националните институции задолжени за заштита на правата на патниците ќе добијат и пошироки овластувања.
Тие ќе можат самостојно да започнуваат проверки и истраги за евентуално прекршување на правилата, без претходно да чекаат официјална жалба од патник.
Измените не се однесуваат само на авиосообраќајот, туку опфаќаат и железнички, автобуски, поморски и превоз по внатрешните водни патишта.
Кога ќе почнат да важат новите правила?
Иако Европскиот парламент ги усвои измените, тие сè уште не се конечни.
За да стапат во сила, потребно е формално одобрување и од Советот на Европската Унија, по што ќе следува нивно објавување во Службениот весник на ЕУ.
Според медиумските извештаи, се очекува новите правила да почнат да се применуваат од 23 октомври 2027 година.
Со предложените измени, Европската Унија настојува да обезбеди појасни процедури, побрзо враќање на парите и поголема одговорност на транспортните компании кон патниците.
