Колку земаат пензионерите во Словенија? Разликата со Македонија е огромна
Актуелно

Колку земаат пензионерите во Словенија? Разликата со Македонија е огромна

26. 06. 2026.

Просечната пензија во Словенија надмина 1.160 евра, додека во Македонија просечната старосна пензија изнесува околу 28.700 денари (околу 467 евра). Разликата е речиси два и пол пати.

Бројот на пензионери во Словенија продолжува да расте, а најновите податоци покажуваат и рекордни износи на пензиите. Во мај годинава во земјата биле регистрирани 658.016 пензионери, додека просечната бруто пензија достигнала 1.160,80 евра.

Зголемувањето следува по редовното усогласување на пензиите од 4,2 проценти во февруари и дополнителното вонредно зголемување од еден процент во март.

Највисоката индивидуална пензија што моментално се исплаќа во Словенија изнесува 4.675,83 евра.

Иако најголем дел од словенечките пензионери примаат меѓу 500 и 1.000 евра, бројот на оние со пензија повисока од 3.500 евра достигнал 1.449 лица. Речиси 503.000 корисници примаат старосна пензија, а околу 22.500 граѓани продолжуваат да работат и истовремено користат дел од својата пензија.

Во споредба со регионот, Словенија има еден од најстабилните пензиски системи. Просечната пензија заменува околу 50 до 60 проценти од претходната заработка, што овозможува повисок животен стандард за пензионерите.

За споредба, во Македонија просечната старосна пензија во јануари 2026 година изнесувала 28.699 денари, односно околу 467 евра, што е речиси 2,5 пати помалку од просечната пензија во Словенија.

Во Хрватска, пак, просечната пензија се движи меѓу 500 и 600 евра, а најголем дел од пензионерите примаат меѓу 400 и 800 евра, во зависност од работниот стаж и условите за пензионирање.