Истекоа олеснувањата за EES: Нови гужви и подолги чекања на европските граници
Актуелно

Истекоа олеснувањата за EES: Нови гужви и подолги чекања на европските граници

07. 09. 2026.

Патниците од земји надвор од Европската Унија од вчера треба да очекуваат построги и подолги гранични проверки, откако истекоа привремените олеснувања за примена на EES – системот за влез и излез на Европската Унија.

Промената доаѓа во период кога граничните премини и европските аеродроми веќе се соочуваа со долги редици поради воведувањето на биометриските проверки. Особено големи гужви во текот на летото беа регистрирани на Евзони, каде патниците со часови чекаа за да ја поминат контролата.

Што се менува со EES?

EES системот ги регистрира патниците од земји надвор од ЕУ кои влегуваат или излегуваат од Шенген-зоната на краток престој. Наместо класично печатење на пасошот, се внесуваат податоци од патната исправа, фотографија на лицето и отпечатоци од прсти.

На првото регистрирање проверката може да трае значително подолго од досегашната пасошка контрола, а токму тоа создава проблеми на најфреквентните гранични премини и аеродроми.

Во текот на летото земјите членки имаа можност привремено да ги прекинат биометриските проверки на одредени гранични премини кога ќе се создадат големи гужви. Таа можност истече на 6 септември, па од сега се очекува построго спроведување на проверките.

Гужви и на европските аеродроми

Проблемите со EES не се ограничени само на копнените граници. Во текот на летната сезона биле регистрирани значителни доцнења и на повеќе европски аеродроми.

Од авио-индустријата предупредија дека долгите проверки веќе довеле до пропуштени летови и конекции. Според податоците објавени од IATA, бројот на патници кои пропуштиле поврзани летови се зголемил во текот на летото, а некои авиокомпании пријавиле и повеќекратно зголемување на ваквите случаи.

Што значи ова за македонските патници?

За граѓаните на Македонија кои патуваат кон Грција и другите земји од Шенген, тоа значи дека треба да се планира повеќе време за преминување на границата, особено во периоди на засилен сообраќај.

Евзони веќе покажа колку брзо може да се создадат километарски колони кога биометриските проверки се комбинираат со голем број патници. На 6 септември, на преминот Богородица–Евзони биле пријавени и повеќечасовни чекања.

Затоа, доколку патувате кон Грција или друга земја од Шенген, особено за време на викенди и празници, препорачливо е да тргнете со дополнително време и да ги проверите состојбите на граничните премини пред патувањето.

EES е воведен со цел дигитално да го следи влезот и излезот на државјаните од трети земји и да помогне во контролата на правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена.