Супермаркети полни, ресторани празни – Слаба туристичка сезона на Халкидики
Актуелно

Супермаркети полни, ресторани празни – Слаба туристичка сезона на Халкидики

05. 08. 2025.

Финансиските резултати за повеќето компании на Халкидики се послаби од очекуваните, поради редуцирана посетеност и намалена потрошувачка од туристите, но и помал број на домашни туристи. Ова е заклучокот од истражувањето кое за Стопанската комора на Халкидики го спроведе агенцијата „Interview“ за периодот јуни и јули годинава. Веста ја пренесе дописникот на МИА од Атина.

Во анализата, дел од 20-тиот Барометар, беа вклучени 365 претпријатија со различна големина, со цел да се регистрираат мислењата и проблемите на локалните бизниси. Според Комората, резултатите “воопшто не се охрабрувачки”.

На прашањето: “Како се одвива посетеноста оваа сезона во споредба со претходните години?”, 63 проценти од бизнисите одговориле дека е намалена, 27 проценти изјавиле дека е “на исто ниво”, а само 10 проценти забележале пораст на посетеноста.

Според 41,4 отсто од компаниите од Халкидики кои партиципирале во истражувањето, економската ситуација на туристите е главниот фактор за помалиот број на туристи. За 29,3 проценти, причината се цените во хотелите, рестораните и слично, а за 16 отсто, “виновник” е политичката/геополитичката нестабилност.

Повеќе од половина од анкетираните компании (55 проценти) оценуваат дека трошењето по турист е намалено, 38 проценти навеле дека е речиси исто, додека само седум отсто одговориле дека туристите трошат повеќе пари од минатата година.

Речиси седум од десет бизниси кои учествувале во истражувањето (69 проценти) рекле дека оваа сезона е намален бројот на грчки туристи на Халкидики, а 26 проценти сметаат дека е на исто ниво како и минатата година.

Претседателот на Стопанската комора на Халкидики, Јанис Куфидис за „Етнос“ вели дека оваа година бележат “многу големо зголемување на прометот во супермаркетите и главно во секторот за готова храна, како и во продавниците за брза храна”, а од друга страна, останатите угостителски објекти и продавниците бележат голем пад на прометот.

Тој додава дека хотелите со пет ѕвезди и оние кои нудат all inclusive бележат зголемување, што според него значи дека постојат туристи кои можат да трошат пари, но претпочитаат да ги трошат во хотели, бидејќи Халкидики има проблеми со инфраструктурата. Во некои области, има проблеми со снабдувањето со вода и електрична енергија, нема добар интернет и има “планини” од ѓубре.

„Кога посетителот ќе ги види овие работи, нема повторно да дојде. Во хотелите, сите овие проблеми се решени. Во исто време, треба да се надгради обезбедувањето услуги од бизнисите и да се намалат цените што во одредени случаи се високи. Менталитетот и на бизнисмените и на државниот механизам треба да се промени. Во спротивно, ќе ја изгубиме играта и нема да се вратиме во добрите времиња“, истакнува претседателот на Комората од Халкидики.