Новата исплата, која е дел од швајцарскиот пензиски систем AHV, ќе им донесе дополнителни приходи на пензионерите низ целата земја. Сепак, меѓу корисниците има и такви на кои овие средства не им се неопходни, поради што се појавија неколку иницијативи за нивно донирање.
Членката на швајцарскиот Сојузен совет, Елизабет Бауме-Шнајдер, претходно изјави дека во иднина веројатно ќе ја донира својата дополнителна пензија.
Сличен став има и 85-годишниот претприемач и поранешен олимписки шампион во боб, Хаузи Лојтенегер, кој отворено признава дека дополнителните приходи не му се потребни.
„Многу сум богат и не ми се потребни дополнителни пари“, изјавил Лојтенегер од својата вила на Гран Канарија.
Тој открил дека веќе ја донира целата своја редовна пензија, со цел да им помогне на луѓето кои немале толку среќа во животот.
И легендарната швајцарска уметничка лизгачка Дениз Билман, која во декември ќе наполни 64 години, вели дека во текот на својата спортска кариера заработила доволно и дека дополнителните средства не ѝ се неопходни за патувања или луксуз. Иако годинава официјално заминува во пензија, таа продолжува активно да работи како тренерка и да учествува во ревијални настапи.
Дополнителната пензија како можност за помош на најзагрозените
Во Швајцарија веќе се започнати неколку хуманитарни иницијативи преку кои пензионерите можат доброволно да ја донираат својата 13-та пензија.
Фондацијата „13plus“ собира средства за борба против сиромаштијата кај постарите лица, кои ќе бидат рамномерно распределени меѓу хуманитарните организации „Pro Senectute“, „Caritas“ и „Winterhilfe“.
Новооснованата фондација „Chance 13“, пак, има цел да обезбеди поддршка и за постарите и за младите преку организациите „Pro Senectute“ и „Pro Juventute“.
Иницијативата „Базелски договор на генерациите“ дополнително ја поттикнува меѓугенерациската солидарност, охрабрувајќи ги финансиски обезбедените пензионери да им помогнат на помладите генерации.
На овој начин, првата исплата на 13-та пензија во Швајцарија, покрај дополнителната финансиска сигурност за пензионерите, отвора и можност за поддршка на социјално загрозените граѓани.
