Половните автомобили во Германија поевтинуваат, купувачите имаат поголем избор
Актуелно

Половните автомобили во Германија поевтинуваат, купувачите имаат поголем избор

28. 07. 2026.

Цените на половните автомобили во Германија продолжуваат да се намалуваат и во 2026 година, што ги става купувачите во поповолна позиција од кога било во последните години.

Според најновите податоци на платформата AutoScout24 за јуни 2026 година, просечната цена на половен автомобил изнесува 27.229 евра, што е намалување од еден процент во однос на претходниот месец. Од почетокот на годината, цените се пониски за околу 530 евра.

Најголем пад е забележан кај малите градски автомобили, чија просечна цена е намалена за 1,7 проценти и сега изнесува 12.968 евра. Поевтинеле и моделите од средната и повисоката средна класа.

Истовремено, понудата на автомобили стари меѓу 10 и 20 години е зголемена за 6,6 проценти, што им овозможува на купувачите поголем избор и подобра позиција при преговарањето за цената.

Експертите оценуваат дека пазарот на мали автомобили се претворил во „пазар на купувачи“, бидејќи понудата пораснала за 4,1 процент, додека побарувачката се намалила за 3,3 проценти.

За разлика од бензинските и дизел-моделите, половните електрични автомобили бележат раст на цените. Во јуни нивната просечна цена се зголемила за еден процент и достигнала 37.810 евра, иако побарувачката опаднала за 16,9 проценти.

Според аналитичарите, причината е тоа што поевтините електрични автомобили брзо се продаваат, па во огласите остануваат претежно поскапите модели со поголеми батерии и побогата опрема, што ја зголемува просечната цена.

Експертите сметаат дека понатамошните движења на пазарот ќе зависат од цените на горивата и глобалните економски услови, но оценуваат дека актуелната понуда на половни автомобили е една од најповолните во последниот период и дека купувачите не треба предолго да го чекаат „совршениот“ момент за купување. 

Извор:skopje1.mk