И евтината тарифа, која им овозможува на граѓаните значителни заштеди во домашниот буџет, е доведена во прашање. Новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов, смета дека е нелогично за ист производ да има пет различни цени — четири во блок-тарифите и една во евтината тарифа. Тој најави дека во наредниот период ќе се анализира дали сегашниот модел треба да остане, да се измени или да се преформатираат блоковите.
– Мој личен став е дека треба да се отвори прашање и да донесеме одлука дали да има или да нема блок-тарифи или, пак, тие да се димензионираат поинаку. Неправедно е што иста енергија се плаќа по различни цени. Оние што ја произведуваат енергијата, ја продаваат по иста цена, сѐ друго е социјална категорија која треба да се усогласува со државата. Не може да постојат пет цени за ист производ, изјави Ристов.
Тој рече дека ќе се анализираат досегашните ефекти од блок-тарифите кои се применуваат на регулираниот пазар во Македонија од 1 јули 2022 година, како дел од реформата на тарифниот систем за домаќинствата што ги снабдува универзалниот снабдувач. Системот важи за скапата, односно за високата тарифа, а идејата е потрошувачите што трошат помалку да плаќаат пониска цена, а оние со поголема потрошувачка да плаќаат поскапа електрична енергија.
Ќе се разгледаат и искуствата од земјите во регионот, со цел да се утврди дали може да се направи поправичен модел за крајните потрошувачи. Тоа не значи автоматско укинување на блоковите, туку отворање анализа за можни измени на системот.
Енергетскиот експерт Константин Димитров смета дека станува збор за две различни политики — социјална и пазарна, при што е клучно што сака Владата да постигне со блок-тарифите.
– Владата даде насоки за заштита на социјално ранливите категории граѓани, односно блоковите за струја беа воведени за да ги заштитат овие потрошувачи. Така, граѓаните што се во пониските тарифни блокови плаќаат поевтина струја и имаат пониски сметки, додека оние со поголема потрошувачка влегуваат во повисоки категории и плаќаат поскапа електрична енергија. Тоа е социјалната компонента. Од друга страна, пазарната логика е дека струјата е ист производ и треба да има иста цена за сите. И двата пристапи имаат свое оправдување, изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека и воведувањето на евтината тарифа е дел од социјалната политика на државата.
– Доколку струјата се плаќа по цената по која моментално се продава на пазарот, тогаш тоа е пазарна политика, а сѐ друго претставува социјална политика. Сметам дека треба да има евтина тарифа за да може да се искористи вишокот електрична енергија што се создава во текот на денот. Во моментов имаме проблем со големо производство на електрична енергија и мала потрошувачка. Пазарот може да се остави сам да се регулира, но тоа би било на штета на потрошувачите, појаснува Димитров.
На ова реагираа и граѓаните на социјалните мрежи, според кои, ако се укине евтината струја, семејствата ќе мора да ги намалат останатите трошоци за да можат да ги платат сметките за струја. Велат дека блок-тарифите ги натерале да штедат струја и нелогично е да се укинуваат кога го постигнале ефектот. Сметаат дека не е фер да се укинат блоковите за оние кои трошат малку и оти евтината струја мора да остане.
И од политичката партија Левица реагираа на најавите на новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов, за можни измени на тарифниот модел и евтината тарифа за електрична енергија. Од партијата сметаат дека укинувањето на евтината тарифа ќе удри по џебот на најсиромашните и ќе ги зголеми сметките за струја.
– Доколку РКЕ донесе ваква одлука, тогаш директно ќе удри по најсиромашните. Пресметките покажуваат дека едно семејство кое штеди електрична енергија и останува во првиот тарифен блок, на годишно ниво ќе плаќа за третина поскапа струја, велат од Левица.
Од Левица сметаат дека тарифните блокови треба да останат, да се прошири времетраењето на евтината тарифа и да се воведе повеќетарифен систем со зимски и летен режим, повеќе часовни блокови и т.н. „сончева тарифа“, која би овозможила подобро усогласување на производството и потрошувачката на електрична енергија.
Во моментов, домаќинствата плаќаат електрична енергија според четири блокови во високата тарифа, при што цената расте со потрошувачката. Првиот блок опфаќа потрошувачка до 210 kWh, вториот од 211 до 630 kWh, третиот од 631 до 1.050 kWh, а четвртиот е за потрошувачка над 1.050 kWh. РКЕ ги воведе блок-тарифите со образложение дека треба да поттикнат рационално користење на електричната енергија.
Блок-тарифите беа воведени во екот на енергетската криза со цел да се ублажи ценовниот удар врз најголемиот дел од домаќинствата и да се заштитат ранливите категории граѓани. Според тогашните процени на РКЕ, без нивното воведување, струјата за сите домаќинства ќе поскапела значително повеќе. Подоцна, РКЕ објави дека по воведувањето на блоковите била регистрирана значителна заштеда во потрошувачката на електрична енергија во високата тарифа.
