Пензионерите велат дека им помагаат на децата и внуците ако се невработени, а често се случува со една пензија да живеат двајца брачни другари, што е навистина тешко.
„Има случаи каде едниот брачен другар е пензионер, а другиот не е, и живеат со една пензија. Има и ситуации кога децата се невработени, а родителите се пензионери и им помагаат финансиски. Ние сме печалбарски крај, има и луѓе кои добиваат помош од блиските кои се во странство“, вели Ванчо Стојанов, пензионер од струмичкото село Сушица.
Следи по бројност се примателите на социјална помош. Од социјална помош живееле 15.700 невработени. Парична помош од роднини или други лица надвор од домаќинството добивале 4.589 луѓе. Парична помош од членови на домаќинството/роднини кои работат во странство примале 4.549 невработени.
„Има луѓе на возраст од 50 години, што не работат и чекаат пари од родителите пензионери, а не работеле претходно, немаат стаж и по смртта на старите веројатно ќе бидат социјалци. Има и сопружници што живеат од една плата или една пензија, но тие не се многу на број“, вели крушевчанка.
Од сопствени приходи како рента, дивиденди, заштеди, авторски права живееле 6.472 невработени. Понатаму, 1.176 луѓе живееле од надомест за технолошки вишок.
Статистиката покажува дека има и мажи и жени кои се со статус невработени и зависат од туѓите приходи.
Бројот на мажи кои примаат социјални бенефиции бил поголем од оној на жените, односно социјална помош примале над 10.000 мажи и повеќе од 5.000 жени.
Во ставката приходи од рента, дивиденди, заштеди, авторска права исто доминираат мажите. Од вакви приходи живееле 5.258 мажи и само 1.214 жени.
Поголем бил бројот на мажи кои живеат од туѓа плата или пензија во домаќинството од бројот на жени, односно 36.617 мажи наспроти 26.066 жени.
Пари од роднини и други лица надвор од домаќинството добивале 1.608 жени, наспроти 2.981 маж. Од блиски кои се во странство, пари примале 3.614 мажи и 935 жени.
