Белиот чад значи дека 133-цата кардинали на Римокатоличката црква, собрани на конклава, конечно постигнале договор и со двотретинско мнозинство избрале нов папа кој ќе ги предводи 1,4 милијарди католици.
Новиот папа бил избран во четвртиот круг на гласање во Сикстинската капела.
За нов папа е избран американскиот кардинал Роберт Превост, кој одлучил да го земе името Лав XIV.
„Мирот нека биде со сите вас“, беа првите зборови на новиот папа при излегувањето на балконот од базиликата Свети Петар пред илјадници собрани верници.
Во своето обраќање тој го спомена папата Франциск и порача дека Црквата мора да гради мостови и единство.
Во своите први коментари на италијански јазик, папата Лав XIV изјави дека сака неговата порака за мир да допре до срцата на верниците и до сите луѓе.
Одавајќи почит на папата Франциск, ги повика верниците да „одат напред, без страв, обединети, рака под рака со Бог и едни со други“.
„Сметам дека сите заедно можеме да чекориме кон домот што Бог ни го подготвил. Мораме заедно да се стремиме кон тоа да бидеме мисионерска црква која ќе гради мостови и ќе создава единство“, рече тој.
Ги повика верниците да покажат сочувство и љубов, а на шпански јазик ја поздрави својата надбискупија во Перу.
Упати зборови на благодарност до папата Франциск и им се заблагодари на кардиналите кои го избраа за негов наследник.
