Во рамките на Регионалниот саем за вработување, чија цел беше да се утврди состојбата на македонскиот и регионалниот пазар на труд направивме истражување, во кое се приклучија и партнерските портали од регионот MojPosao - Хрватска, MojPosao.ba - БиХ, Infostud - Србија, и Deloglasnik - Словенија.
Анкетата беше спроведена како стандардно истражување на јавното мислење преку 20 прашања, од кои одредени групи прашања се фокусираа на 3 демографски групи на испитаници: вработени, невработени и студенти.
Во истражувањето учествувале повеќе од 5.700 испитаници, од кои 1.000 испитаници беа од Македонија. Кај хрватските испитаници, 67% биле вработени, 30% биле невработени, а 3% се уште студираат.
Меѓучовечките односи и платата се најважните фактори за избор на работа
Во Македонија, висината на платата (68%) е примарен фактор, а добрите добрите меѓучовечки односи се на второ место за нашите испитаници (62%).
На листата најважни фактори при изборот на работодавач, кандидатите од Македонија ја истакнаа и можноста за учење и напредување и работното време. Интересен е фактот што во скоро сите земји, најмалку важен фактор при избор на работодавач за испитаниците е имиџот/репутацијата на работодавачот.
Висината на платата е на прво место за жителите на сите земји освен Словенија, каде и годинава преовладуваа добри меѓучовечки односи.
Со знаење и мотивација до работа
Ги прашавме учесниците во истражувањето што според нив, е најважно за добивање работа, односно што можат да направат за да го придобијат потенцијалниот работодавач.
Повеќето испитаници од Македонија сметаат дека двата најважни аспекти за вработување се мотивацијата и желбата за работа (35%) и знаењата и вештините што ги поседува кандидатот (25%). Исто така, како важни фактори, испитаниците од нашата земја го наведуваат работното искуство (21%), а 7% добрите контакти и познанства.
Кога станува збор за регионот, Словенците, Босанците и Хрватите во малку поголема мера од другите го наведуваат работното искуство како клучен фактор за добивање работа, додека Босанците, Србите и Хрватите најмногу се надеваат на знаење и вештини. Словенците за најважна ја сметаат мотивацијата и желбата за вработување. Интересно кај Хрватите е што само 6% од испитаниците, исто како и минатата година, сметаат дека среќата е важна за добивање работа, а 15% дека се важни добрите контакти и познанства. Формалното образование го истакнуваат само 1% од испитаниците, додека 5% сметаат дека е важна партиската припадност.
Македонците имаат најмали очекувања за плата во регионот
Кога станува збор за посакуваната плата, во просек, испитаниците од Македонија очекуваат плата од 769 евра, што е за 14,8% повеќе од просечната плата во Македонија, а воедно имаат и најголем раст на очекувањата во однос на лани. За разлика од кај нас, кога станува збор за посакуваната плата, испитаниците од Хрватска во просек очекуваат 1.197 евра, што е за 17% или 197 евра повеќе од лани.
Во просек најголеми очекувања имаат испитаниците во Словенија, над 1.643 евра во просек, но имаат и најголема просечна плата. Од друга страна, споредено со лани, овие испитаници имаат најмал пораст кога се во прашање нивните очекувања, само 6%.
Испитаниците од Србија очекуваат 857 евра, што е за 13 отсто повеќе од лани. Испитаниците од Босна и Херцеговина очекуваат 941 евро или 20 отсто повеќе од лани.
Во споредба со лани, стравот од губење работа е намален
42%, односно 211 од испитаниците во Македонија не стравуваат дека би можеле да останат без работа во текот на следната година, што е значително поголема бројка од оние кои стравуваат дека може да ја изгубат работата чиј процент е 19%.
Испитаниците од Србија (31%) најмногу се плашат од губење на работата.
Најмал процент македонци работат од дома
Пандемијата овозможи да се работи од дома, па во изминатите две години бевме сведоци на мнозинството вработени чии работни места дозволуваа да работат од дома. Сега, кога повеќето активности се вратија во нормала и речиси и да нема антиепидемиски мерки, работниците се повеќе се враќаат на своите работни места.
Во моментов најголем дел (68%) од испитаниците работат од своето работно место, бидејќи нивната работа не им дозволува да работат од дома. 20% работат целосно од канцеларија иако природата на работата овозоможува работа од дома. 10% од испитаниците имаат хибриден начин на работа - делумно од работното место, делумно од дома. Во моментов само 3% работат исклучиво од дома додека минатата година бројката била поголема, односно 4% од испитаниците работеле исклучиво од дома.
Лоша репутација на домашните приватни компании
Како и во претходните години, при изборот на компанија врз основа на сопственост, испитаниците од Хрватска претпочитаат да изберат приватна компанија во странска сопственост (42%), а во помала мерка приватна компанија во домашна сопственост (23%). Една четвртина од испитаниците (23%) би сакале да започнат сопствен бизнис, слично на тоа колку би работеле во државни компании (21%).
Странската приватна сопственост е особено популарна во Македонија или 55% од испитаниците. А најмалку, односно 10% од испитаниците, би сакале да започнат сопствен бизнис.
Домашните приватни компании најмногу ги избираат испитаниците од Словенија (29%).
Невработени
Од невработените испитаници од Македонија, повеќето (38%) се невработени 3 месеци или помалку, 18% се без работа помеѓу 3 и 6 месеци, додека 13% од луѓето чекаат работа повеќе од 5 години.
Поголемиот дел од невработените (52%) од Македонија бараат каква било работа, без разлика дали е по нивната струка или надвор од неа.
Споредено со испитаниците од регионот, најголем процент Македонци би работеле било каква работа, а најмалку работа по струка.
Иако сме сведоци дека станува сè потешко да се дојде до професионален кадар, кандидатите сè уште не добиваат одговор од работодавачот на нивното барање за работа. 38% велат дека ретко добиваат повратни информации за апликацијата за работа. Само 14% од испитаниците изјавиле дека добиваат одговори на околу половина од апликациите, а само 12% од испитаниците добиваат одговори често или речиси секогаш.
Колку е ова лошо за брендот на работодавачот, говори фактот што испитаниците ќе избегнат повторно да аплицираат на оглас од компанија од која не добиле повратни информации (53%), 7% од испитаниците ќе коментираат негативно за компанијата пред пријателите и семејството, а 3% негативно ќе коментираат за компанијата на социјалните мрежи, 8% дури ќе избегнуваат користење на производи и услуги од таа компанија. Сепак, голем дел од испитаниците (40%) изјавиле дека неодговарањето на апликацијата за работа не влијае на нивното мислење за компанијата.
Испитаниците се помалку оптимисти за периодот на наоѓање работа
Од испитаниците кои сè уште учат или студираат, најголемиот број од Македонија, 40% сметаат дека можат да најдат нова работа во рок од три месеци по завршувањето на училиштето, додека 4% од испитаниците ги чека работа или веќе работат. 14% од испитаниците очекуваат дека нивното барање на работа ќе трае од три до шест месеци, а само 8% предвидуваат дека ќе бараат работа повеќе од половина година.
За да стекнат одредено работно искуство пред вистинско вработување, испитаниците се изедначени во однос на подготвеноста да одат на пракса (50%) или да работат хонорарно (50%), додека само 12% од нив се заинтересирани за волонтирање. Најмал процент (10%) од испитаниците не се заинтересирани за стекнување на работно искуство.
Охрабрувачки е што само 10% од младите сè уште немаат јасна претстава за тоа што сакаат да прават по завршување на школувањето, додека останатите испитаници, дури и ако не се 100% сигурни во која насока да одат, сепак имаат одредена визија за тоа што сакаат да прават.
Демографија
Во истражувањето учествуваа над 5.700 испитаници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија; а од Македонија учествуваа речиси 1.000 испитаници.
Од испитаниците од Македонија, 60 отсто од испитаниците се жени, а 40 отсто мажи. Поголемиот дел од испитаниците се на возраст од 26 до 35 години (33%), 30% се меѓу 36 и 45 години, а 17% се на возраст над 45 години. 19% од испитаниците се помлади од 25 години. Најголем дел од испитаниците имаат завршено средно образование (45%) или високо образование или факултет (42%).