Хрватска ги заострува правилата за странските работници - еве кои се новите услови
Актуелно

Хрватска ги заострува правилата за странските работници - еве кои се новите услови

18. 12. 2025.

Хрватска одлучи да воведе значајни измени во системот за вработување на странски работници. Со измените на Законот за странци се воведуваат построги здравствени услови, како и поттикнување на учењето на хрватскиот јазик.

Од почетокот на годината до 30 ноември, во Хрватска се издадени повеќе од 160.000 работни дозволи. Најголем број од нив им се издадени на државјани на Босна и Херцеговина.

Државниот секретар во Министерството за труд и пензиски систем, Иван Видиш, изјави дека засилените контроли довеле до поуреден пазар на труд.

Според неговите зборови, Хрватска бележи 17 отсто помал број издадени работни дозволи во однос на истиот период минатата година, но истовремено и 10 отсто повеќе пријавени работници во Хрватскиот завод за пензиско осигурување, пренесува „HRT“.

„Ова покажува дека работодавците подобро планираат, но и дека достигнавме 40 отсто работни дозволи кои се продолжуваат. Ја намалуваме флуктуацијата и посериозно планираме со странските работници. Одлучивме да испратиме јасни пораки до оние кои се одлучиле за нелегални практики“, изјави Видиш.

Дека трендот се менува, потврди и Анита Мандиќ, раководителка на Службата за законодавство во областа на престојот на странци.

„Досега примивме повеќе од 260.000 барања, а одобрени се 167.000“, нагласи таа.

Најголем број работни дозволи годинава се издадени на државјани на БиХ (32.000), Непал (31.000), Србија (24.000) и Филипини (17.000). На македонски државјани им биле издадени 11.000 работни дозволи.

Една од клучните новини се однесува на здравствените услови за пристигнување на странските државјани.

Според предлогот, државјанин на трета земја ќе мора, заедно со барањето за издавање одобрение за прв привремен престој, да приложи потврда за здравствената состојба и статусот на вакцинација, која не смее да биде постара од 90 дена.

Посебно е нагласена важноста од учењето на хрватскиот јазик како основа за интеграција на странските работници.

Извор: supermen.tocka.com.mk