Македонците сакаат државна работа, констатиравме во претходната анкета на vrabotuvanje.com, каде што една четвртина од нашите читатели се изјаснија дека нивната „работа од соништата“ е некаде во јавниот сектор. А колку знаеме за платите во јавниот сектор, кои се очекувањата, а која е реалноста дознавме во следната анкета во која прашавме: Кои од вработените во државниот сектор треба да земаат највисока плата?
Добивме 1350 одговори, поделени мислења, многу коментари...
Најголем дел од вас (64%) сметаат дека тоа треба да бидат докторите. Еве дел од причините наведени во коментарите: „Без нив не се може, тие се спасители на нашите животи; Докторите, затоа што учат најтежок факултет; Останавме без доктори во државата, тие треба да имаат повисока плата; Нивната работа е најстресна, од нив зависат човечки животи“.
Но, за да имаме добри доктори, треба да имаме добри професори кои ќе ги научат како најдобро да ја работат својата работа. Образованието е столб на се во општеството, квалитетно образование значи добар доктор, добар инженер, добар банкар... Тоа беа дел од коментарите на 19% од нашите читатели кои се изјаснија дека професорите и наставниците треба да земаат највисока плата.
Судиите и вработените во полиција добија по 5% од одговорите на нашата анкета. „Без правна држава нема држава, ако судиите добиваат високи плати нема да примаат мито и ќе судат праведно“ беа дел од коментарите.
Оние 5% кои се изјасниле дека највисока плата треба да земаат вработените во полиција, потполно оправдано ги бранат со ставот дека нивниот живот и изложен на ризик, тие се во првите редови секогаш кога има некој конфликт, будно работат во три смени, па поради тоа заслужуваат повеќе.
Службениците во јавната администрација добија 4%, а пратениците се на дното на листата, со 3%.
Колку е реална оваа наша листа, односно колкави плати навистина имаат вработените во јавниот сектор може да проверите на mojaplata.mk


