НОРВЕШКА ОД ДЕНЕСКА ГИ УКИНУВА СИТЕ АНТИ-КОВИД МЕРКИ: Короната е победена, објави премиерката Солберг

НОРВЕШКА ОД ДЕНЕСКА ГИ УКИНУВА СИТЕ АНТИ-КОВИД МЕРКИ: Короната е победена, објави премиерката Солберг

25. 09. 2021.

По 561 ден Норвешка се враќа на нормалниот живот,

Норвешките власти од денеска, во 16 часот попладне ги укинуваат сите анти-ковид мерки воведени поради епидемијата на корона вирусот. Објавувајќи ја веста, премиерката Ерна Солберг, рече дека е време Норвежаните да се вратат на нормалниот живот.

„Измина 561 ден откако ги воведовме најстрогите мерки во Норвешка во мирновременски период. Сега е времето да му се вратиме на нормалниот живот“, изјави Солберг.  

Укинувањето на рестриктивните мерки ќе им овозможат на спортските и културни институции да се вратат на работа со полни капацетите, а како и претходно ќе работат и рестораните и ноќните клубови.

„Накусо, ќе можеме да живееме како претходно. Сакам и да кажам: ви благодарам многу Норвешка“, порача премиерката Солберг.

Во Норвешка има голем опфат на вакцинација, најмалку со една доза од вакцината против  корона вирусот се вакцинирани 76 проценти од вкупното население, а 67 отсто се целосно вакцинирани.

Прва нордијска земја која ги укина сите мерки уште на 10-септември е Данска, а според податоците од данскиот Институт за јавно здравје оттогаш бројот на заразените во земјата постојано се намалува. Во Данска опфатот на вакцинација е 86 проценти од вкупната популација, сметајќи ги и децата од 12 години.