Како ќе се надокнади пропуштениот материјал е прашање што ги засега и учениците и наставниците, но и родителите? Но, најголем проблем имаат матурантите, кои треба да полагаат државна матура. За 1.600 од нив е пробиен рокот за изработка проектна задача.
Може да се продолжи учебната година за толку време колку што била прекината, со одлука на министерот. Ако учениците имале повеќе од 100 наставни дена, може и да не се продолжува, но ќе треба да се скратат, прилагодат, наставните програми. Учениците поминаа повеќе од 100 наставни дена, но како ќе се надокнади материјалот не може сега да се каже, сѐ зависи од тоа како и до кога ќе тече штрајкот.
Најголем проблем поради штрајкот имаат матурантите. Од околу 17.000 матуранти за кои школската година треба да заврши до 20 мај, за полагање државна матура се пријавиле околу 16.000. Тие, според определениот календар, на 4 и на 13 јуни треба да имаат екстерно тестирање. Едниот испит ќе биде мајчин јазик, а за другиот учениците во гимназиите и стручниоте училишта бираат дали ќе полагаат странски јазик или математика. Оние во уметничките училишта бираат меѓу странски јазик и филозофија или естетика. По овие т.н. екстерни испити, во училиштата се полагаат два интерни предмети.
До 21 април учениците требаше да го полагаат делот од државната матура поврзан со изработка на проектна задача. Некои училишта им излегле во пресрет, па организиралe полагање во сабота, но сепак има голем број што не ја завршиле оваа обврска. Сега тие ќе мора да го полагаат во август.
Голем проблем имаат учениците што веќе се примени на странски универзитети. Тие до 10 јули треба да ги достават документите до факултетите во странство. Ако се поместат роковите нема да може да конкурираат. Замислете што значи тоа за еден млад човек, кој успеал да биде примен на престижен универзитет и работел на тоа.
извор: novamakedonija.com.mk