Германија ќе ни ги земе и оние работници кои останаа. Државата усвои нови законски измени со кои се отвораат вратите за влез на 400 илјади нови работници, а најпожелни се оние од Балканот. Новиот закон ќе им овозможи на работниците мигранти да се иселуваат во Германија и без понуда за работа, а се намалуваат и бирократските процедури. Нашите работодавачи кои веќе се соочуваат со недостиг на работна сила стравуваат дека со олеснување на условите за добивање на работни визи ќе им отидат и тие работници кои останаа во државата. Поради тоа, тие бараат зголемување на квотите за влез на работна сила.
Стимулациите вклучуваат можност работниците да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите со себе во Германија. Ова претставува голема промена во германската државна политика.
Германија со години има ниска стапка на невработеност, но сега германските бизнис лидери почнаа јавно да зборуваат за недостигот на работна сила. Владините министри предупредуваат дека веќе е неопходно да се пополнат милиони слободни работни места, а недостигот на работна сила го опишуваат како најголем ризик со кој се соочува германската економија.
Инаку, македонските гастарбајтери во Германија заработуваат од 1.500 до 4.000 евра. Најчесто се бараат работници во угостителството, производството, индустријата, градежништвото, земјоделството, услугите за чистење, обезбедувањето… За повеќето од овие работни места не е потребно добро познавање на јазикот, иако е пожелно. Поголемиот дел од работниците од Македонија во Германија работат на оние послабо платени работни места, за кои се потребни само диплома за завршено средно образование и површно познавање на јазикот.
Во градежништвото и во сродните дејности, во просек се заработуваат до 2.500 евра месечно, тулар заработува 3.214 евра, молер 2.975 евра, а ковач 3.053 евра месечно. Вештината на заварувачот се плаќа околу 2.819 евра, а на керамичарот околу 3.000 евра. Возачот на виљушкар, на пример, има просечна плата од 2.679 евра, а работникот на пат 3.463 евра. Платите во угостителството се нешто помали, околу 1.800 евра во просек.
Извор: vecer.press
