Во изминатите 19 години, Индексот за пасош на Хенли (Henley Passport Index), креиран од глобалната советодавна фирма за државјанство и престој Henley & Partners, со седиште во Лондон, ги следи глобалните слободи во 227 земји и територии низ целиот свет, користејќи податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA ).
Според оваа листа македонскиот пасош е рангиран на 41-то место меѓу најмоќните пасоши во светот и според новата листа е за три места подобро рангиран од лани. Граѓаните со македонски пасоши минатата година можеле да патуваат во 125 земји без визи, а годинава во 128.
Најсилниот пасош во регионот од земјите кои се уште не се членки на ЕУ е српскиот, кој се наоѓа на 34-то место. Црногорскиот, како и македонскиот, го дели 41-то место.
Пасошите на Албанија и на Босна и Херцеговина го делат 45-то место со по 123 дестинации до кои носителите на овие пасоши можат да патуваат без визи, што е подобрување за шест места за албанскиот пасош и четири места за босанскиот.
Австрискиот пасош го зазеде третото место, унгарскиот седмото, словачкиот и словенечкиот се на 10-то место, хрватскиот на 11-тото место, додека бугарскиот и романскиот се на 14-то место.
Израелскиот пасош е на 18 место, што е за седум места подобро од лани, додека палестинскиот е на 97 место.
Пасошот на Украина е на 30-то место, пасошот на Руската Федерација е на 45-то место, САД се на осмо, а Кина е на 59-то место.
Најлошо рангираниот пасош му припаѓа на Авганистан и е на 103. место со 26 дестинации до кои можат да патуваат носителите на овие пасоши.
