ЈСП Скопје од вчера воведе нов начин за купување билет за едно возење преку телефонски број 185 и новата мобилна апликација „Skopjebus“, која ќе биде достапна од 30. октомври. Со оваа новина, патниците можат да купат билет за градски превоз само со еден повик и без потреба од користење валидатор.
За купување билет, потребно е само патникот да заврти на бројот 185, по што ќе слушне „бип“ сигнал и говорна порака што потврдува купен билет по истата цена од 40 денари. Од моментот на повикот, билетот се активира, а патникот добива СМС порака за потврда.
Доколку патникот има проблем со телефонската сметка можно е да ги добие следниве пораки:
“Трансакцијата е неуспешна, немате доволно средства на вашата сметка“
“Трансакцијата е неуспешна, имате активирано забрана, јавете се кај вашиот оператор”
“Веќе купивте возен билет, обидете се подоцна”
“Трансакцијата е неуспешна поради технички причини”
“Трансакцијата е неуспешна, имате надминат лимит за користење на оваа услуга”
Истовремено, новата апликација „Skopjebus“, која ќе ја замени старата „Skopska“, е достапна за преземање преку Play Store и App Store. Сите претходни средства на корисниците ќе бидат автоматски префрлени на новата платформа по инсталирањето и логирањето. За брз пристап до упатствата, корисниците ќе можат да скенираат QR код што ќе биде поставен во автобусите.
Со оваа иновација, како што соопштија од ЈСП Скопје ја поедноставува услугата и го олеснува секојдневното патување на скопјани.
Извор: faktor.mk