Одењето на интервју без претходни подготовки е осудено на неуспех уште пред самото интервју да започне. Веќе не е доволно потенцијалниот работодавач само да ја има вашата биографија пред себе. Потребно е да можете да се претставите себеси во најдобро светло и да бидете самоуверени додека го правите тоа.
Практично треба да се "продадете" себеси.
Кога станува збор за периодот пред интервјуто, експертите сметаат дека треба да посветите барем еден час на вашата подготовка пред да седнете на "жешкото столче".
Ова 60-ет минутно подготвување може да се подели на неколку фази и тоа:
5 минути посветете на анализирање на описот на работното место, притоа фокусирајќи се на суштинските барања и одговорности со цел да можете соодветно да ги прилагодите вашите одговори.
5 минути одвојте и повторно прочитајте ја вашата биографија и мотивационо писмо. Гледајте да бидете што е можно пореални во креирањето на сопствената деловна слика. Менувајте, дополнувајте, бришете додека не бидете целосно задоволни. Запомнете: Сакале вие или не, првиот впечаток секогаш се остварува врз основа на тоа како е напишана вашата биографија и писмото за мотивација. Истите тие се клучни за тоа дали ќе бидете воопшто повикани на интервју.
15 минути поминете во истражување на потенцијалните прашања што би можеле да ви бидат зададени за време на интервјуто. Истражете ја позицијата за која аплицирате и индустријата од која сакате да бидете дел.
Во наредните 20 минути обрнете внимание на одговорите што сакате да ги дадете. Одлучете како би сакале да ги претставите своите достигнувања. Сетете се на специфични примери каде вашата способност дошла до израз и со какви се предизвици сте морале да се соочувате на претходното работно место.
Последните 15 минути задржете се на тоа да ја истражите компанијата, нејзината историја, мисијата како и неодамнешните проекти од кои била дел. Откако ќе го направите сево ова, размислете како вашите вештини и работно искуство ќе помогнат во реализирање на целите на компанијата.