Германската инвестиција “Маркарт Македонија“ е подготвена да расте понатаму заедно со своите вработени. Ова беше главната информација која му беше пренесена на државниот врв од страна на сопственикот д-р Харалд Маркарт на средбата организирана со претседателот на Владата.
Од наша страна ќе дадеме сѐ од себе за да покажеме дека можеме да возвратиме на дадената поддршка. Ние сме многу среќни што сме тука, горди сме што имаме многу способни и добри луѓе, подготвени да работат. Не е така лесно да ги најдете вистинските и добри луѓе кои сакаат да работат, но ние успеваме доста добро да се справиме со тоа и ова е исто така една од причините зошто во основа сме подготвени да растеме понатаму, додаде д-р Харалд Маркарт.
Од друга страна претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека ваквите средби се многу значајни заради тоа што низ разговорот со нив може да се слушнат нивните потреби, сугестии и решенија за одредени прашања од нивното работење.
Тоа е одличен начин директно од индустријата, на терен, да се информираме за потенцијалите за усовршување на условите за развој на компаниите, за нивните дилеми пред да започнат нов инвестициски циклус, и на тој начин да го усовршуваме системот за поддршка на странските инвестиции. Најважно од оваа комуникација е што овие средби и разговори се секогаш од огромна придобивка за граѓаните, зашто новите инвестиции отвораат нови работни места, повисоки плати, и повисок стандард на живеење, додаде премиерот Заев.
“Маркарт Македонија” е странска директна инвестиција во државата вредна 35 милиони евра. Во моментов има 650 вработени во фабриката во индустриската зона во Караслари. Инвеститорот е подготвен и има план за инвестирање во нов развој на компанијата преку директна поддршка во образовниот систем наменета за креирање на стручни кадри што се појавуваат како потребна работна сила.