Синдикатот на трговските работници на Босна и Херцеговина објави дека работниците во супермаркетите добиле повисока плата во март.
Активностите што ги презеде Синдикатот на трговски работници на БиХ вродија со плод откако неговите членови од сите краеви на земјата информираат дека добиле повисока финансиска стимулација за месец март.
Минатиот месец Синдикатот испрати апел до сите работодавци во трговскиот сектор финансиски да ги наградат своите работници за сите напори што ги вложуваат за да го одржат ланецот за снабдување со основни прехранбени продукти на граѓаните на БиХ.
Според Синдикатот, овие работници и покрај сите опасности на коишто се изложени, доаѓаат на своите работни места насмеани и нудат беспрекорна услуга, а тоа мора да се награди.
Износите се различни од компанија до компанија, но она што е важно е дека вработените го добија тоа што го бараше СТБиХ. Ова е израз на благодарност и признание за сите работници кои покажаа храброст и посветеност. Ова е исто така мотив за нив да истраат и да останат на овој фронт, но и јасна порака дека работодавците и работниците заедно треба да се посветат на зачувување на работните места и егзистенцијата на стотици илјади луѓе кои доаѓаат само од овој сектор, наведуваат од Синдикатот.
Претходно, претседателката на СТБиХ, Мерсиха Бешировиќ, соопшти дека најголемите маркети во земјата за само пола месец оствариле приход колку за половина година. Таа ги критикуваше работодавците затоа што не можат да се одречат од мал дел од колачот на сметка на работниците.