Пред пет години, целиот свет дозна за потегот на Ден Прајс - претприемач со компанија во Сиетел. Тогаш, тој реши да ја намали својата плата од еден милион долари годишно на 70.000 долари за да може на своите вработени да им исплати по 70.000 долари.
После пет години, сопственикот на Gravity Payments - компанија за финансиски услуги - на социјалните мрежи ги откри последиците од неговата одлука.
Кога во 2015 година воведов минимална плата од 70.000 долари, Раш Лимбо рече: „Се надевам дека оваа компанија ќе стане предмет на студии на МБА програмите за тоа како социјализмот не функционира бидејќи е осуден на пропаст“. Оттогаш, нашата компанија тројно се зголеми, а денес сме предмет на проучување во Харвард, напиша Прајс.
Откако неговата компанија воведе годишна плата од 70.000 долари за секого, бројот на вработени се зголемил за три пати, а бројот на вработени кои имаат сопствен дом за 10 пати.
Седумдесет проценти од вработените ги исплатиле своите долгови. Бројот на вработени со деца се зголемил за десет пати.
Заминувањето на вработените е преполовено, а 76 проценти од луѓето кои работат во Gravity Payments се поангажирани, двојно повеќе од националниот просек.
Голем број луѓе тврдат дека ова е доказ за тоа дека капитализмот и слободниот пазар се ефикасни. Јас не се согласувам со тоа. Луѓето гледаат на мене како на промена, но никој не ме следеше со слична постапка. Потпирањето на добродушните директори е рецепт за експлоатација на вработените, вели Прајс.
Бидејќи ја воведов таа плата, секој ден добивам лути пораки од луѓе кои тврдат дека вработените не ја заслужуваат таа плата. Тажно е што сме така воспитани да ги понижуваме другите, наместо да го преиспитаме системот што не понижува сите нас, додава тој.
Во февруари, Прајс за BBC Money изјави„ Луѓето гладуваат, добиваат откази или се експлоатирани, за тоа некој да има пентхаус во Њујорк со златни столици. Ние цело време ја величиме алчноста во нашата култура. И, знаете, листата на Форбс е најлош пример за тоа. Кому му е гајле тоа што Бил Гејтс го надминал Џеф Безос по богатство?“