Трговскиот гигант Амазон одлучи во пресрет на божиќните и новогодишните празници да ги награди своите вработени со бонус во вкупна вредност од 500 милиони долари.
Амазон во четврток објави дека на вработените со полно работно време ќе им исплати по 300 американски долари, додека на вработените со скратено работно време само по 150 долари.
Овој празничен бонус Амазон ќе го чини околу 500 милиони долари, напиша шефот за логистика Дејв Кларк.
„Дел сум од Амазон 22 празнични сезони и оваа е дефинитивно уникатна“, вели Кларк. „Благодарен сум на нашите тимови кои продолжуваат да играат витална улога во служењето на своите заедници“, додава тој.
Во јуни, Амазон потроши околу 500 милиони долари на бонуси за благодарност за вработените во првите редови кои продолжија да доаѓаат на работа среде пандемија на Ковид-19.
Оваа одлука за многумина експерти беше дефинирана како потег за контролирање на штетата откако малопродажниот гигант се најде на удар на критики заради необезбедување на основни заштитни мерки за работа во своите складишта.
Во Амазон во моментов се вработени околу 800 илјади луѓе.