Лани во Германија 1.620 новороденчиња биле од странци од Македонија
Актуелно

Лани во Германија 1.620 новороденчиња биле од странци од Македонија

6/5/2026

Вкупниот број на македонски државјани регистрирани како странци кои живеат во Германија заклучно со декември минатата година изнесувал 161.120, што е за над 2.000 повеќе отколку во 2024 година кога овој број изнесувал 158.995, според податоците од Германскиот федерален завод за статистика. Од 2015 до 2025 година, бројот на македонски државјани регистрирани како странци во Германија се зголемил за над 65.000.

Бранот на емиграција на македонски државјани во Германија во 21 век е толку голем што довел до тренд на раѓање на македонски деца на германска почва. Поточно, статистиката покажува дека само минатата година во Германија се родени 1.620 новороденчиња од „странци од Македонија“, заклучи Блумберг Адрија врз основа на податоци од Германскиот федерален завод за статистика.

Сè поголем број деца од македонско потекло се раѓаат во странство, најчесто во Германија, што е уште еден показател за долгорочните последици од емиграцијата на работоспособното население. Податоците покажуваат дека дијаспората продолжува да расте, додека домашната демографска слика се соочува со опаѓање на стапката на наталитет и континуирана емиграција на млади семејства.

Германија останува една од најпосакуваните дестинации за македонските граѓани кои бараат подобри економски можности, повисоки приходи и посигурна иднина за своите деца. Илјадници македонски граѓани се преселија таму во последните години, а некои од нив веќе основаат семејства и имаат деца, што придонесува за зголемување на бројот на деца родени во германски породилишта од родители со македонско потекло.

Експертите предупредуваат дека овој тренд има долгорочни последици за демографскиот развој на Македонија. Покрај намалувањето на бројот на жители, земјата се соочува и со стареење на населението, недостиг на работна сила и намален број на ученици во образовниот систем. Во исто време, дијаспората станува сè поважен економски фактор преку дознаките што ги испраќа во земјата и врските што ги одржува со земјата на потекло.

Извор: faktor.mk