Ристов објаснува дека основната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки, преку ново усогласување на тарифниот систем со реалното производство на струја, особено од сонце и ветер. Според него, сегашниот модел веќе не ја одразува состојбата на пазарот, каде што во одредени дневни периоди има вишок електрична енергија и ниски, па дури и нулти берзански цени.
Во анализите на РКЕ се разгледува проширување на евтината тарифа во дневните часови, особено меѓу 11 и 15 часот, кога има најголем вишок на струја од фотоволтаици. Дополнително, се разгледува можноста евтина струја да има и во сабота, покрај веќе постојната неделна евтина тарифа.
Ристов посочува дека се анализира и можноста за прилагодување на ноќната евтина тарифа, бидејќи токму во вечерните часови (21–23 часот) цената на струјата на берзите е највисока, што создава нелогичности во постојниот систем.
Според планот, првичните анализи би биле готови до крајот на септември, додека евентуалните нови блок тарифи би можеле да стапат во сила од 1 јануари 2027 година. Конечната одлука ќе зависи од математичките модели и консултациите со сите засегнати страни, вклучувајќи ја државата, производителите и операторите во системот.
Ристов нагласува дека целта не е заштита на производителите, туку создавање систем кој ќе им донесе директна корист на граѓаните, преку поевтина и поефикасна потрошувачка на електрична енергија во услови на раст на обновливите извори.
