Но, расположението на пазарот не е исто како лани. Цените се повисоки за околу 10 отсто, а интересот, барем засега, е послаб.
Се чувствува таа воздржаност кај луѓето, она двоумење дали да се потрошат пари за неколку празнични денови или да се „стегне ременот“ и да се остане дома.
Од туристичките агенции велат дека понуди има, но дека одлуките доаѓаат во последен момент.
„Луѓето прашуваат, се интересираат, споредуваат, ама сè почесто чекаат до последна недела. Нема веќе она однапред резервирање како порано“, вели сопственик на агенција од Скопје, додавајќи дека поскапувањата се неминовни поради повисоките трошоци за превоз, сместување и услуги во странство.
Будва и оваа година останува класика. Новогодишната музичка програма, отворениот дочек на плоштад и атмосферата што „не бара многу планирање“ ја прават привлечна за голем број македонски граѓани.
„Будва е сигурна приказна – знаеш што добиваш. Има забава, има луѓе, нема изненадувања“, вели една скопјанка која веќе неколку години по ред Новата година ја дочекува таму.
Интерес има и за Грција и за Србија, особено за пократки аранжмани од две или три ноќи. Солун, Белград, па и помали градови со новогодишна атмосфера, се избор за оние што сакаат да избегаат од секојдневието, но без преголем финансиски товар.
„Се бараат кратки патувања, со автобус, без многу дополнителни трошоци. Луѓето сакаат промена, ама и внимаваат на секој денар“, објаснува туристички агент.
Кога станува збор за европските метрополи, Рим и Париз и натаму се на врвот на листата на желби. Тие се резервираат порано и главно од оние што сакаат новогодишно искуство „еднаш во животот“ или веќе имаат планиран буџет.
„Овие аранжмани се поскапи, но интересот постои. Не е масовен, ама е стабилен“, велат од агенциите, нагласувајќи дека клиентите тука најчесто бараат целосно организирано патување, без непријатни изненадувања.
Посебна приказна е Охрид. Нашиот туристички бисер годинава привлекува внимание не само кај домашните, туку и кај странските гости.
Хотелите и приватното сместување нудат празнични пакети, а атмосферата во градот ветува поинаков, помирен дочек.
„Има интерес од странци, особено од регионот, но и од Западна Европа. Охрид станува препознатлив како новогодишна дестинација“, велат туристички работници од градот крај езерото.
Сепак, генералниот впечаток е дека луѓето годинава се повнимателни. Се брои, се пресметува, се остава простор за „ќе видиме“.
Празничната желба постои, ама реалноста си го прави своето. И можеби токму затоа, новогодишните аранжмани се купуваат тивко, без еуфорија, со мала пауза меѓу прашањето и одговорот… онаа пауза што зборува повеќе од било која статистика.
