„Нашата држава е прикажана како успешен пример на глобално ниво, како резултат на заедничките активности и координацијата на Министерството за здравство со партнерите од ОН и Светската здравствена организација“, изјави Алиу. Овие резултати се должат на подобрената перинатална нега, новите клинички протоколи и зајакнатата институционална координација, велат здравствените власти.
Иако Македонија бележи успех во намалувањето на смртноста кај новороденчињата и малите деца, бројот на новородени деца континуирано опаѓа, па така минатата година се родиле само 15.531 бебиња – најмалку досега. Падот е евидентен и во претходните години: 18.648 новороденчиња во 2021, 18.183 во 2022 и 16.859 во 2023 година. Овој тренд се поврзува со иселувањето, стареењето на населението и сѐ поголемата возраст на жените при раѓање на првото дете.
Дополнително, демографските анализи покажуваат сериозен одлив на жени во фертилен период. Во споредба со пописот од 2002 година, кога имало над 440 илјади жени на возраст до 29 години, во 2021 година бројот на жени од 20 до 49 години се намалил за околу 80 илјади. Тоа практично значи дека значителен дел од потенцијалните мајки не се повеќе во земјата.
На прашањето дали намалување на смртноста кај новородените се должи на се помалиот број раѓања, здравствените власти велат дека статистиката за намалена смртност треба да се чита внимателно.
„Процентите се исти, бидејќи се пресметуваат на 1.000 живородени деца. Помалиот број раѓања значи и помал притисок врз породилиштата, но сепак има реален напредок во третманот, особено кај предвремено родените бебиња“, вели директорката на ГАК д-р Ирена Алексиоска-Папестиев.
