ЌЕ СЕ ПУШИ ЛИ ВО КАФУЛИЊАТА ОВАА ЗИМА? Новиот закон сè уште се чека
Актуелно

ЌЕ СЕ ПУШИ ЛИ ВО КАФУЛИЊАТА ОВАА ЗИМА? Новиот закон сè уште се чека

10/26/2026

Со доаѓањето на студеното време и затворањето на летните тераси, повторно се отвора прашањето дали ќе биде дозволено пушење во кафулињата и рестораните во Македонија. Иако беа најавени построги правила, новиот закон за заштита од пушењето сè уште не е стапен во сила.

Предлог-законот на Министерството за здравство со месеци е во собраниска процедура, а првично беше најавено дека ќе почне да се применува од 1 март.

Според предложените измени, наместо целосна забрана за пушење во угостителските објекти, ќе се овозможи пушење на посебно уредени тераси. Тие ќе треба да бидат отворени од најмалку две страни, да имаат отворен покрив, а за непушачите да биде обезбеден посебен влез. За приспособување на терасите е предвиден рок од една година.

Каде ќе биде забрането пушењето?

Предлог-законот предвидува забрана за пушење во затворени простории, на автобуски и железнички станици, како и во возила во кои се превезуваат деца.

Пушењето пред одредени институции ќе биде дозволено само на растојание од најмалку 20 метри.

Со предложените правила не се забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи и електронски уреди, туку се регулира нивната употреба.

Додека се чека завршувањето на собраниската процедура, сè уште нема конечен датум за стапување во сила на новите правила. Тоа значи дека засега останува неизвесно како ќе изгледаат зимските денови во кафулињата за пушачите, непушачите и угостителите.