Во 2025 година, вкупно 7,3 милиони граѓани на ЕУ на возраст од 15 години и повеќе работеле во други земји од ЕУ, во кои не стекнале државјанство, пренесува Дестатис.
Дали некој ќе одлучи да мигрира зависи не само од состојбата на домашниот пазар на трудот, туку и од понудата во друга земја. Германија била популарна дестинација лани: 2,6 милиони странци од ЕУ биле вработени во државата, а понатаму следат Шпанија (1 милион), Италија (800.000) и Франција (600.000).
Дестатис пишува дека од сите европски земји, Швајцарија останува најпопуларната дестинација за германските емигранти: на почетокот на 2025 година, приближно 329.900 германски државјани живееле во алпската република. Се наведува дека не само поради близината, туку и поради истиот јазик, Германците се селат во Швајцарија. Нивниот број се зголемува со години: во споредба со 2024 година, зголемувањето изнесува 1,9 отсто (приближно 6.300 луѓе). Германски државјани лани се иселувале и во Австрија, Шпанија, Франција, Холандија, Белгија, Италија, Шведска, Данска и Норвешка.
Статистиките покажуваат дека Французите се селат во Швајцарија, Шпанија и Белгија. Шпанците се иселуваат во Франција, Германија, Белгија, Италија, Холандија.
Податоците од Италијанскиот Национален институт за статистика (ISTAT) и AIRE (Регистар на Италијанци што живеат во странство) истакнуваат дека има постојан егзодус на работна сила. Во последниве години, годишните заминувања од Италија постојано надминуваат 150.000 луѓе, при што над 75 отсто од тие лица остануваат во континентална Европа. Прв избор им е Германија, втор Франција, а дел од младите Италијанци бираат да работат во Шпанија.
„Италијанците заминуваат во странство затоа што не наоѓаат работа соодветна на образованието и за подобра плата. Одат во Германија, Франција, земјите од Бенелукс, но и во Португалија каде даноците се пониски“, вели за Фактор, Вилма Коеро Борга, Италијанка која живее во Торино, Италија.
