Од носијата до дресот: Како Дејан Сидор ја редефинира македонската мода
Успешни бизнис приказни

Од носијата до дресот: Како Дејан Сидор ја редефинира македонската мода

10/9/2025

Дејан Сидор не е ново име на македонската модна сцена – таму е веќе речиси две децении. Но секогаш бил тивок, префинет, и секогаш дозволувал неговите дела да зборуваат за него наместо тој самиот.

Длабоко фасциниран од македонската носија, Сидор ја гледа не како нешто што припаѓа исклучиво на традицијата, туку како неисцрпен извор на инспирација и како визија за иднината. За него, секоја орнаментика, секоја боја и секоја техника на изработка е код кој може да се прочита одново и да се претвори во современ јазик на модата. Неговата најнова колекција е токму тоа – идеја и визија обликувана преку Fabric Intelligence. Со редизајнот на дресот на македонската репрезентација, Сидор покажува дека ткаенината не е мртов материјал, туку интелигентен медиум кој носи приказни, мудрост и енергија. „Секоја ткаенина има своја интелигенција и своја приказна,“ вели тој. „А кога ја преработуваш, таа приказна добива нов контекст.“

Тивок дизајнер, гласни дела

Логото на Сидор е минималистичко и мистично. На прв поглед апстрактно, но зад себе носи длабока симболика. „Тоа е дел од композиција на кошула од македонската народна носија,“ објаснува тој. „Таму ја најдов својата идентификација како бренд-дизајнер.“ 

Во своите интервјуа ретко сака да зборува за себе. „Гласна треба да биде мојата работа,“ вели Сидор. „Секој човек има свои пет минути – сè е во вистинско време.“ Кога ја споменува македонската носија, неговите зборови звучат и како почит, и како провокација. „Нашите баби креираа висока мода,“ вели тој. „Начинот на изработка – материјалите, орнаментите, техниката – тоа е исто и денес. Само што не се разви во индустрија.“

Дресот како манифест

Со Fabric Intelligence тој одлучи да направи нешто поинакво: дресот на македонската репрезентација, претворен во корсет. „Тоа што го направив е експеримент, естетика, контраст, инспирација,“ објаснува Сидор. „Дресот е најпрепознатливото парче денес – симбол што го носи целиот народ. Кога го претвораш во корсет, покажуваш дека секоја ткаенина може да стане нешто ново. Тоа е Fabric Intelligence.

Во новата колекција пак доминира црвената боја, преточена во сопствено дизајниран материјал. „Секогаш се обидувам да создадам или преработам материја – тоа ме одликува како дизајнер,“ вели тој. „А црвената е посебна. Таа е боја што ја носиме низ векови, дел од нашата традиција, и токму затоа е неисцрпна инспирација.“

Македонската мода – помеѓу традиција и иднина

Кога зборува за македонската модна сцена, Сидор е искрен: „Сè уште сме мали како држава без подлога. Треба да има повеќе брендови и дизајнери што ќе работат и надоградуваат. Само така може да се изгради сцена.“ Безвременското парче, според него, не е прашање на тренд. „Кројката, материјата, начинот на изработка и дизајнот – сите тие мора да се спојат. Само тогаш едно парче станува безвремено.“ А жените во Македонија колку се освестени за мода? „Границата се поместува, но многу полека,“ вели тој .

Сидор смета дека уметноста и комерцијата се две различни страни – но кога ќе се спојат, создаваат нешто сосема ново. „Тоа е борба, но и можност,“ додава тој.

Иднината на ткаенината

За него иднината на македонската мода лежи во образованието и свесноста. „Секој студент или средношколец треба да ја знае својата носија. Тоа е најголемата инспирација. Потоа може да се гради сè друго.“ Кога пак го прашувамe  за неговата лична иднина, само се насмевнува: „Тешко е да се опишам себеси. И уште потешко е да се предвидиш себеси.“